Марија и Орде од Прилеп се вистински херои! Домот го претворија во работилница за изработка на заштитни маски (Фото)

Марија и Орде Велески кои се родени во Прилеп, а сега живеат во Скопје, во својот дом со свој труд и материјали прават заштитни маски. Нивниот хуман гест на социјалните мрежи го сподели ќерката Ирена, а за кратко време пофалби стигнаа од сите страни на државата.

Марија веќе 20 години повеќе од успешно шие свечени и невестински фустани и голем дел од своето време поминува и на пазарите каде се продаваат материјали. Поттик за нешто вакво големо и хумано била и провокацијата поради тоа што некои луѓе профитираат и на нечовечки начин ја користат оваа кризна состојба предизвикана од пандемијата со корона вирусот.

Токму затоа Марија и Орде имаат за цел да ја урнат колку што можат заработувачката на оние кои профитираат и да предизвикаат позитивна енергија кај луѓето, но и поттик повеќемина да го следат нивниот пример.

Заштитните маски започнале да ги изработуваат минатата недела, но бидејќи сеуште оделе на работа стигнувале да изработат помал број. Овие денови бројката изнесува и по 200 заштитни маски дневно, а досега имаат изработено околу 800.

Маските ги изработуваат со свои средства, а во изработката помага и другата ќерка Елена, додека пак Ирена процесот го менаџира од Германија, каде моментално престојува.

Велат дека маските ќе се произведуваат додека е потребно. Со оглед на тоа дека се откажани сите прослави и веселби, па Марија нема порачки за фустани, целосно ќе се посвети на изработката на заштитни маски.

Овој хуман гест нека биде поттик за секој кој е во можност да направи нешто слично. Ова се времиња кога сите можеме да бидеме од помош и секоја подадена рака ќе значи чекор поблиску кон совладување на пандемијата со корона вирусот.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.