Малкумина го знаат, а е едно од големиот број прекрасни места околу Прилеп: Светилиште со корени од антиката (ФОТО)

Манастир Свети Илија во селото Мелница – Мариово

– Камена црква со антички “корен” и уникатен фрескоживопис од 19 век, обновена од дедо Спасе Чешелков

– “Пресни” конаци и камбанарија

Златни зраци го раскинуваат бистрото небо. “Итаме” низ мариовскиот предел кој личи на камена “крстилница”. Осаменост. Нема луѓе да стишат или разгорат тага и радост. Како да е сé “пусто”. Селото Мелница, во чија близина сме гости, нема жители, а имало огништа во 60-тина куќи.

По сончева жега, брзо ги “освојуваме” 45 километри пат, од Прилеп до манастирот Свети Илија. Пред пет километри пред Витолиште е, на интересна местоположба, до патот.

Кршни дрвца ги шират “рацете” и дел по дел пред нас се открива величенствена глетка. Се “вовираме” низ грандиозната капија, за која легендата вели дека ја направил старешината на војската од Првата светска војна, која манастирот го користела како магацин. Парализираниот старешина ветил дека ако оздрави ќе направи манастир. Оздравел и капијата е негово дело. Манастирскиот комплекс е ограден со камен ѕид, а дворот е чист со истрижена трева.

Разеленетиот “превез” е обалагороден со брест, даб, сливи, јаболка, грмушки, џбунови… Чекор по чекор опива магијата, волшебниот мир, спокојство, тишина. И збор да не прозбориш секое ливче на долгогодишниот даб, како свето дрво, шумоли и гали.

Во прегратка на манастирот

Прегрнува силно манастирскиот комплекс. Камената црква зрачи личотија. Се откинуваат воздишки. Амбиентот мами, со силна верба во Бог да за нахранување со духовност, со порака која извира од секој камен поставен на црквата. Колку камења, толку историја, толку Божји галења. Копнежот може да се смири, животната сила се обновува. “Срцето” на манастирот е пристаниште за љубопитни и светилиште за верниците.

Внатре, ѕидовите говорат преку раскошно бележаните мисли на времето. Царство на фантастичен уметнички израз со посебен сенс кон религијата. Црквата Свети Пророк Илија е катче на врвен фрескоживопис, ризница на светители и настани од Библијата, доловени на квалитетен начин во 1881 година од познатиот Аврам Дичов од Тресонче. Ретка композиција е Страшниот суд низ која провејува пораката за гревовите кои ги правеле луѓето и судот кој следел. Се забележува дека секоја фреска весла со посебна приказна со порака. Сонце огрева, а дожд гасне жед. Фреските се како бисер исплетен од трепет на таинствени зборови. Нешто клокоти, се случува од дамнина.

Антички темели

Дедо Стале Чешелков го обновил манастирот во 1872 година, а фрескоживописан е 1881 година. Според преданијата, тој бил од Полчишта и служел на Атос, во Грција. Некој, таму, го посоветувал да го закуќи манастирот, како да почне градба и како да прибере имот. За итриот дедо Стале кој е насликан во црквата, се раскажува легенда. Тој требало да оди некаде. Ја извадил иконата од Свети Пророк Илија пред манстирот и и’ рекол да го чува манастирот. Кога се вратил ги немало кокошките. Со прачка в раце и се “заканил” и ја карал иконата. Другиот ден се вратиле кокошките живи.

Црквата е градена да биде вечна на темел од урната црква. Во близина има археолошки локалитет со голема населба, од доцна антика – ѕидови, споменици, скулптури, садови и слично. Не е чудно манастирот да има корени од тоа време. Таму има траги од праисторија. Можно е црквата да е остаток од развиена култура. Или од турско, зашто градбата е камена со карактеристична впечатлива архитектура. Се мисли дека во црквата има закопано злато, па пред 15 години, биле искршени плочките од “трагачи”.

“Крпење” на црквата и реновирање на конакот

Црквата треба да се “закрпи”, оти има пукнатини кои “зјаат” над влезната врата. Оштетена е фреската на Свети Пророк Илија. И за внатре има работа. Потребна е санација. Но, проектот е комплициран. Но е нужно, оти манастирот е најатрактивен во Мариово. Ги собира верниците не само за Илинден.

Камбанаријата е во белина, оти е “пресно” градена. Затоа зрачи со педантност. Конаците како понови не се доправени. Во неколкуте соби има чисти стари кревети, а долу е трпезаријата. Се бараат донатори за доуредување на комплексот. Желба им е да го вратиме селскиот и манастирскиот туризам.

Слави на манстирот се Свети Илија, Ѓурѓовден, Цветници и Благовец. Во тие денови во манастирот врие како во кошница, зашто има гости кои кампуваат и околу манастирот.

Ова е приказната за манастирот Свети Пророк Илија. “Талогот” дознајте го, уживајќи во таинственоста и проникнувајќи длабоко во себе.

Уникатен кладенец

Во манастирскиот комплекс се измешани сите бои, мириси и допири со позлата на вековите. На десет метри под манастирот Воислав Ушкоски, градејќи со оникс, го обновил кладенецот Свети Илија. Тој живее во Австралија, а потеклото му е од Врпско, Мариово. Иако кладенецот не жубори, кога има водичка порачува здравје! Од зарастено жбуње активиран е секнатиот кладенец. Тоа е вода за пиење и миење која лечи.

На сто метри подолу од кладенецот “плиска” водата од т.н Витолишка река или Бутурица. Не се гледа од бурјакот каде се испреплетиле џбунести “љубовници”, небаре се бакнуваат. Рајско зеленило околу.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.