Турнејата започнува на 15 октомври во Кавадарци, со нов материјал, препознатлив хумор и специјалниот гостин Модернизам и Ренесанса.
Секојдневието го пишува материјалот, а Син на мајка и 1Човек го носат на сцената. Овој четврток, на 15 октомври, во Кавадарци започнува „НА ТЕРАПИЈА СО АНАНАС“ – голема македонска стендап-турнеја која ќе ја однесе публиката на заедничка „сеанса“ исполнета со смеа, иронија и сатира.
Во десет градови низ Македонија, двајцата комичари ќе ги отворат темите што секојдневно нè нервираат, збунуваат и насмеваат: меѓучовечките односи, општествените навики, малите лични драми и големите апсурди со кои одамна научивме да живееме.
Син на мајка и 1Човек доаѓаат со нов материјал и со два различни погледи на истата реалност. Нивниот директен пристап и хуморот без влакна на јазикот ветуваат вечери во кои публиката лесно ќе се препознае – во некоја приказна, во некоја реакција или во ситуација за која била убедена дека ѝ се случува само нејзе.
Низ остри забелешки, комични пресврти и непосредна комуникација со публиката, „НА ТЕРАПИЈА СО АНАНАС“ ќе ги претвори секојдневните фрустрации во повод за добро смеење. На сцената ќе има место за сè што обично го коментираме дома, на кафе или во друштво, овојпат кажано гласно и без задршка.
Како специјален гостин, Модернизам и Ренесанса ќе придонесе со својот препознатлив хумор и енергија, додавајќи уште еден комичен поглед на темите што ги поврзуваат изведувачите и публиката.
Од Кавадарци до Скопје – десет термини за заедничка терапија
Првата средба со публиката е закажана за 15 октомври во Кавадарци, по што турнејата продолжува на 16 октомври во Прилеп, 17 октомври во Битола и 18 октомври во Гевгелија. Следните настапи се на 24 октомври во Охрид, 29 октомври во Куманово, 30 октомври во Велес, 31 октомври во Струмица и 1 ноември во Тетово. Големото финале ќе се одржи на 7 ноември во Скопје, во салата „Градски парк“. Сите настапи започнуваат во 20:00 часот.
Билетите се веќе достапни преку www.ticketplus.com.mk, по цена од 600 денари за настапите низ Македонија. За скопското шоу се предвидени повеќе категории билети, со цени од 600 до 1.200 денари.
Доколку билетите не бидат распродадени онлајн, преостанатите ќе бидат достапни и на билетарниците на самите локации, на денот на одржувањето на настапите.
Оваа есен, сè што ви се насобрало преку неделата може да заврши како причина за смеа. Термините се закажани, комичарите се подготвени, а публиката треба да понесе само добро друштво и подготвеност да се насмее и на сопствените маки.
„НА ТЕРАПИЈА СО АНАНАС“ – терапијата започнува на 15 октомври!
























