Кривогаштани ќе го памети ова лето: Со прекрасна „Бела ноќ“ заврши Културно-спортското лето 2026

Со музика, многубројна публика и одлична атмосфера, изминатиот викенд во Кривогаштани со „Бела ноќ“ свечено и успешно беше заокружена програмата на „Културно-спортското лето Кривогаштани 2026“.

Настанот, организиран од здружението „Урбано гнездо“, беше вистинска кулминација на летната програма која во изминатите денови понуди голем број културни, спортски и забавни содржини.

Кривогаштани ова лето беше домаќин на повеќе разновидни настани, меѓу кои турнирот во мал фудбал, концертот на Врбјанска Чука, театарската претстава „Девојките на Марко“, меморијалниот турнир во баскет и Фестивалот на пиперката.

Секој од настаните донесе различна атмосфера и содржина, а големиот број посетители од Кривогаштани, но и од соседните општини, се најдобар показател дека програмата успеа да го привлече вниманието на публиката.

„Културно-спортското лето Кривогаштани 2026“ покажа дека и една мала општина може да понуди квалитетна и разновидна културна и спортска програма, да ги поддржи младите и локалните таленти и истовремено да ги промовира традиционалните вредности и земјоделските производи.

За успешната реализација на програмата, упатена е благодарност до сите организатори, здруженија на граѓани, институции, изведувачи, спортисти, волонтери и учесници кои дадоа свој придонес.

Благодарност е упатена и до ЛАГ „Агро Лидер“, „Урбано гнездо“ Кривогаштани, генералниот спонзор на Фестивалот на пиперката – „Кривогаштани Промет“ со брендот „Гурмано“, Прилепска пиварница, „Евора Комерц“, како и до сите останати компании и поддржувачи на одделните настани.

Сепак, најголемата благодарност оди до граѓаните и посетителите кои со своето присуство придонесоа секој настан да биде исполнет со позитивна енергија и прекрасна атмосфера.

Со „Белата ноќ“, Кривогаштани стави точка на едно богато и исполнето лето.

Кривогаштани покажа дека знае да биде добар домаќин – лето исполнето со спорт, култура, музика, традиција и дружење, кое долго ќе се памети.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.