Концертот “Македонски ноктура” на пијанистката Ема Попивода, во четврток пред прилепчани

На 6 Август /четврток/ од 19.30 часот на платото пред ЦК„Марко Цепенков’ ќе се одржи концертот „Македонски ноктурна“ на кој ќе настапи пијанистката Ема Попивода. „Македонски ноктурна“ е на композиторот Димитире Бужаровски.

Концертниот проект „Македонски ноктурна“ е концерт за пијано во кој се изведуваат 12 композиции од македонскиот автор Димитрије Бужаровски кои се базирани на македонски народни теми. Иако композициите се напишани во пијанистичкиот стил на Шопен и Лист, музиката сепак е разбирлива и лесно прифатлива за слушање за публиката поради препознатливите теми од македонските народни песни: Зајди зајди, Дали паметиш Милице, Калеш Анѓа, Јовано Јованке, Не си го продавај Кољо чифликот, Деспина, Море сокол пие, Шеќерна, Во влашкото маало, Не се бели Маре мори, Трнушко, итн.

Тринаесетте Вечеринки (Ноктурна) од Димитрије Бужаровски се дело кое е изградено на познати македонски народни песни кои вообичаено во минатото се изведувале на седенки како дел од урбаниот фолклор. Во основа тие претставуваат варијации на народните песни кои се користени како своевиден кантус фирмус врз кој е изградена сложена виртуозна пијанистичка фактура. Во неа во духот на полистилистичкиот и полижанровскиот пристап кој Бужаровски го применува во своето творештво уште од средината на осумдесеттите години, доминира неоромантичарскиот пристап со јасни алузии на Шопеновиот и Листовиот пијанизам, но и неокласични, импресионистички и џез фактури, кои заедно придонесуваат кон посебноста и оригиналноста на финалниот резултат.

За овој концерт е снимено и промотивно видео за композицијата „Зајди зајди“ кое стана вистинска сензација на YouTube каналот како и на другите социјални мрежи. Концертот е изведувани во Њујорк, Токио, Лондон, Рим, Будимпешта, Брисел, Гдањск, каде е високо оценет од тамошната музичка критика и за изведбата и за композициите.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.