Колумна на Влатко Кузманоски: Неколку зборови за образованието и нуждата од е-дневник во вонредна состојба

Дали е потребно, по којзнае кој пат, да ја објаснуваме улогата и потребата на наставникот во општеството?

Дали и во оваа новонастаната, за сите тешка, ситуација треба да водиме сметка за тривијалните, маргиналните работи или треба, конечно, да се занимаваме со суштината, со есенцијата?

Па до кога?

До кога ние просветните работници, ќе се занимаваме со администрација, е-дневници и слични „доказни и законски” несуштински во овој момент акти?

До кога треба да докажуваме дали работиме или не?

Уште ли треба да го чекаме тој „перфектен, незаменлив, сјаен” e-дневник нормално да проработи, да не мора да седиме до 2-3 по полноќ кога има „помалку гужва”?

Згора на тоа, што треба да внесеме, часови и наставни содржини кои заради COVID-19 не се реализирани?

Ние ќе се лажeме, родителите ќе ги лажеме, учениците…кој? Или мора да се изврши притисок со вашите дописи за да бидете/бидеме чисти пред Законот?

Дали тој закон, акт или што и да е, навистина се грижи за образованието на учениците? Дали навистина се води сметка за ученици, но и образовниот кадар кој нема пристап до интернет и компјутери?

Зарем не е време, во оваа (без сето ова погоре наведено) тешка ситуација да им дадете простор на наставниците да се грижат за оние со кои беа секојдневно до пред еден месец? До сега кој се грижеше за учениците? Е-дневникот, наставното ливче, дневната подготовка, доказот, поените од интегралната инспекција…?

– Не!

За учениците се грижеа професорите, наставниците. Оставете ги да си ја работат својата работа, оставете им ја слободата, креативноста, оставете да го извадат најдоброто од и за своите ученици. Учениците и наставниците и родителите се во иста екипа, оставете ги заедно да се борат против заедничкиот непријател, има време за е-дневник.

P.S. А, ако веќе инсистирате на тоа, овозможете беспрекорни услови, за да ги внесeме „реализираните“ часови.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.