Кавадарци повторно станува центар на Македонија: Пристигнува Тиквешки Гроздобер 2026!

Кавадарци повторно се подготвува за својот најголем празник и фестивалот Тиквешки Гроздобер 2026. Децениска традиција која од година во година расте, се развива и денес претставува еден од најголемите и најпосетените фестивалски настани во Македонија.

Програмата за годинашното издание,кое ќе се одржи викендот на 04-ти, 05-ти и -6-ти септември, беше официјално претставена на денешната прес-конференција од страна на Организаторот, Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов, а заедно со дел од артиститеи учесниците – Илчо Нечовски од Дупер, DJ Александар Галоски и Кирил Димитров – Урошев(RPM Classics).

Од традиционална манифестација посветена на грозјето, виното и Тиквешијата, во изминатата деценија Тиквешки Гроздобер израсна во голем современ фестивал кој секоја година привлекува огромен број посетители од цела Македонија и регионот.И оваа година Кавадарци ќе понуди богата и разновидна програма за сите генерации, со музички настапи, традиционални содржини, култура, забава и препознатливата атмосфера по која Гроздоберот е познат.Посебен акцент и годинава е ставен на македонските артисти и домашната музичка сцена, со што фестивалот продолжува да биде голема платформа за промоција и поддршка на македонската музика, култура и творештво.

Но, Тиквешки Гроздобер одамна е повеќе од музичка програма.Тоа е фестивал со најдолга традиција, силен локален идентитет и препознатливост на национално ниво. Настан кој ја слави Тиквешијата, лозарството и винарството, но истовремено создава современа фестивалска приказна која секоја година го претвора Кавадарци во центар на случувањата во Македонија.

Со посетеноста и програмската понуда во последните години, Гроздоберот го потврдува своето место меѓу најголемите македонски фестивали, а Кавадарци уште еднаш покажува дека традицијата може да се зачува и истовремено да се развива во модерен настан со публика за сите генерации.

Тиквешки Гроздобер 2026 и традицијата продолжува… Кавадарци повторно станува фестивалски центар на Македонија!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.