Историски момент за македонскиот спорт: Одбојкарите стигнаа до првата победа на Европските првенства

Македонските одбокари направија историја, остварувајќи ја првата победа на Европските првенства. Нашиот квалитет дојде до израз во натпреварот со Белорусија, кој го добивме со 3-1, по сетови 23-25, 25-19, 28-26, 25-20.

Македонија веќе не е аутсајдер, случаен патник и принуден учесник на Европското првенство во одбојка, туку репрезентација која запиша победа и први тре бода во групата во Љубљана.

Скептиците имаа право да не веруваат и денеска, но само во првиот сет, во кој Белорусите диктираа, подолго водеа, на крај и го добија со 25-23. Сепак, селекторот Никола Матијашевиќ од клупата најде начин како да ги поврзе конците, а капитенот Никола Ѓорѓиев да ги повлече соиграчите на паркетот, за Македонија да го покаже најдоброто од себе.

Сите оние блесоци од претходните три порази се споија во еден меч и пресвртот почна во вториот сет. Таму бевме изедначени до 13-12, а потоа следуваше експлозија, серија од 7-0 за Македонија по што сетот беше лесен залак, со 25-19.

Третиот сет беше премрежјето кое мораше да се помине, Белорусите имаа сет-топка, дури и поен со кој судиите ги прогласија за победници, откако смечуваше Ѓорѓиев, но капитенот решително побара „челинџ“, по кој се виде дека судиската е погрешна, поенот беше за нас и делуваше како ветер во грб за конечни 28-26 за Македонија во тој сет.

Психологијата проработе во четвртиот, Македонија со самодоверба и со контрола на играта го држеше во свои раце и четвртиот сет, отворајќи го со 6-2, по што Белорусите немаа капацитет за враќање. Апсолутен играч на натпреварот беше капитенот Ѓорѓиев со неверојатни 37 поени, Љафтов додаде 15, Милев 11.

Со првата победа, Македонија освои први три бода и дојде до петтото место во групата, еден повеќе од шестопласираната Белорусија и идентично колку четвртата Турција. Финска има четири на третото место, напред се Словенија и Русија со по девет.

Утре од 17.30 часот, Македонија ќе игра со домаќинот и фаворит Словенија, со отворени шанси за осминафинале.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.