Интервју со Валерија Преспаноска од Прилеп, девојка чиј Инстаграм профил е магнет за илјадници корисници

Валерија Преспаноска е млада и талентирана девојка од Прилеп која својата креативност ja пренесува преку фотографии на социјалните мрежи, а со тоа изнудува и илјадници позитивни реакции од нејзините следбеници. Нејзиниот профил на Инстаграм го следат над 14.000 корисници, а младата прилепчанка секојдневно ги фасцинира со својата убавина и фотографии кои заслужуваат да се најдат во врвни светски магазини и списанија. Во продолжение разговараме за нејзините желби, интереси, хобија, како и планови за во иднина.

Здраво Валерија, кажи ни нешто повеќе за себе, какво образование имаш и со што се занимаваш?

-Имам завршено средно образование во гимназијата “Мирче Ацев” во Прилеп, а моментално го подготвувам и последниот испит на филолошкиот факулет “Блаже Конески” , отсек преведување на германски и англиски јазик. Периодов работам на хонорарни ангажмани поврзани со социјалните мрежи.

Твојте профили на социјалните мрежи се следени од голем број корисници и редовно добиваш огромен број позитивни реакции. Кажни ни на што се должи тоа и како успеа да изградиш толку голема публика која редовно те следи?

-Ако некаде сеуште постои мојот hi5 профил ќе можите да видите од каде и како почнало сето тоа, Jас од секогаш сакав да се фотографирам и да ја преточам мојата креативност преку фотографиите. Луѓето кои ме познаваат одамна, многу добро ја знаат мојата пасија кон фотографијата и веројатно токму тоа ја привлекло мојата публика на која што и сум преблагодарна за секојдневната поддршка

Која е твојата цел кога објавуваш нови фотографии. Дали имаш за цел само да покажиш нови места кои си ги посетила, или пак во секоја фотографија се крие некаква порака?

-Со секоја фотографија целта ми е да предизвикам некоја позитивна реакција кај тие што ме следат било тоа да е инспирација за некоја модна комбинација, предлог дестинација за посетување,некој корисен совет или добар продукт или макар преку фациалната експресија да ширам позитивна енергија..

Твоите фотографии изобилуваат со многу убавина, кажи ни дали и колку време ти одзема одржувањето на профилите и дали за една убава фотографија е потребен само добар агол и место, или пак потребна е и умешност за добро уредување на истата?

-За една добра фотографија потребно е и добар агол и добра локација исто така светлината е огромен фактор , расположението на сликарот како и моето расположение, а пред се најважно е да имате добра идеја и замисла. Исто така потребна е умешност за обработка на фотографијата но поважен е процесот на создавање одколку на едитирање, бидејќи не секоја фотографија може да се “спаси” со едитирање.

Постои ли можност да се заработи од Инстаграм и дали и колку вложуваат компаниите во ваков вид на маркетинг?

-Постои можност за заработка, но сепак тоа не е сеуште на ниво како во останатите земји, од причина што токму во моментов оваа професија кај нас е во подем и брендовите се повеќе стануваат свесни за значењето на истата, што е позитивен индикатор дека би се зголемила и заработката во иднина

Кој ти дава најголема поддршка во тоа што го работиш?

-Мојот дечко, семејството, другарките , пријателите, а секојдневно добивам поддршка и од луѓето кои ме следат на Инстаграм.

Имаш ли некое свое друго хоби во кое уживаш во слободното време?

-Да, цртањето е уште едно мое хоби за кое се помалку наоѓам време за жал.

Кои е твоите планови и желби за во иднина и каде се гледаш за 10 години?

-Се гледам во сосема ново поглавје од животот, среќно мажена со 3 деца хахах, а од професионален аспект се надевам дека во блиска иднина ќе си остварам една моја долгопланирана идеја за работа, која би била и моја понатамошна професија, повторно поврзана со креативност но нема да ви откријам за што точно станува збор, можеби за брзо ќе видите самите

За крај твоја порака до сите девојки кои сакаат да се занимаваат со ваков вид професија и хоби?

-Со оваа професија претежно се занимаваат луѓе кои што непретенциозно и непланирано се впуштиле во тој свет, каде што на различен начин ја покажуваат својата креативност. Затоа би му порачала на девојките, кои сакаат да се занимаваат со ова, пред се да бидат свои, да се едуцираат пред да започнат, бидејќи и оваа професија како и другите бара едукација на некој начин. Поточно секојдневни истражувања за сите промени на социјалните мрежи, и да не тргнуваат од желбата за бесплатни производи, или заработка, туку само доколку навистина ја сакаат и ги исполнува оваа работа.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.