„Бев повикан непосредно од двајцата обвинети и ми беа побарани 1.300 евра, наводно, како трошоци за моето идно, ново работно место“. Со овие зборови ја отвори својата душа пред камерата на TВ “Алфа”, нивниот соговорник, кој сакал да остане анонимен, од кого, како што самиот тврди, уште во 2018 година, градоначалникот на Кривогаштани, Рубинчо Шефтерски и неговиот близок соработник Кире Нешкоски, побарале мито. Вчудоневиден од ова, тој случајот го пријавил в Полиција, по што започнала и судска постапка.
„Првично мислев дека сум сам. Но потоа кога бевме да дадеме исказ пред Oбвинителство, тогаш видов дека не сум сам, дека некаде околу 10-11 души сме. Сите со истата мака. На сите му биле побарани пари за нивното вработување…Според водените разговори беше од 1.300 до над 2.500 евра“, – објаснува тој.
Висината на сумата која требало да се даде била според карактерот на работното место, вели нашиот соговорник. Двајца од оние кои тужеле ја платиле побараната сума, еден не ја платил и останал без работното место, а додека останатите, на следните две сослушувaња дале целосно изменети искази, по што двајцата осомничени, годинава, на 26 мај, Судот ги прогласил за невини.
„Исходот беше ослободителна пресуда за двајцата, се ослободуваат од обвинение, наводно не била докажана нивната вина. По двапати давање на исказ на сите вмешани во случајов…третиот пат кога дојде веќе за давање изјава, имаше промени во изјавите и пресудата ја донесе судијата дека не биле виновни“– посочува соговорникот.
Тој се сомнева дека променетите изјави биле изнудени под притисок и уцена од страна на Шефтероски, а за што пак, сведоците, како награда ги добиле своите работни места, иако не ги дале побараните пари.
Градоначалникот Рубинчо Шефтероски, кого Судот веќе го прогласи за невин, ги отфрла сите овие обвинувања, толкувајќи ги како обид за да му се наштетело на неговиот углед и честа и вината ја префрли на еден од обвинителите.
„Обвинителот, по име не го спомнувам, не е долично, кој што ја презеде постапката против мене, бараше лично за него, за негови фамилијарни интереси, вработување. Tоа не го доби и затоа ги увеличи изјавите од тие 7-мина кои што беа на листата за да сведочат против мене….Како градоначалник јас немам овластувања да барам средства, ни сум барал, ни ќе барам за вработување..од самото стапување на функцијата градоначалник, носев и функција како претсдеател на ОО на СДСМ и од тие причини си дадов оставка од вторава функција“, – вели Рубинчо Шефтероски, градоначалник на Кривогаштани.
Инаку, најинтересното во целиов случај е што безмалку сите инволвирани сведоци биле членови на СДС, а парите во распон од 1300 – 2800 евра им биле побарани во време, откако тие веќе конкурирале на огласите, под изговор дека требало да ја помогнат Партијата, оти била во многу тешка финансиска состојба.
Соговорникот на “АЛФА” вели дека правдата ќе продолжи да ја бара и до сите повисоки судски инстанци.
KAРОЛИНА ДУРЛО