Илинденската коњаница пристигна во Кривогаштани

Илинденската коњаница денеска последниот краток одмор пред пристигнување на Гумење во Крушево го имаше во Кривогаштани. Мештаните од ова и околните населени места околу пладне на традиционален начин со мала свеченост ги пречекаа коњаниците кои се предвесник на големиот национален празник Денот на Републиката.

Коњаниците кои учествуваат на традиционалниот „Илинденски коњанички марш“ денеска околу пладне пристигнаа во Кривогаштани каде беа пречекани од тамошните жители на македонски традиционален начин. Нивниот краток престој во ова населено место беше своевиден празник за мештаните. „Илинденскиот коњанички марш“ претставува симбол на македонската сплотеност и единство.
Илинденските коњаници кои тргнаа точно пред седум дена од Горно Лисиче и скопската населба Аеродром поминаа стотина километри до историското Гумење кај Крушево за да ја одбележат 112-годишнината на Крушевската Република. Во изминативе седум дена 25 коњаници минаа стотина километри до историското Гумење кај Крушево.
Манифестацијата се одржува веќе 37 години со поддршка од Министерството за култура, а во организација на Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 78” и „10 дена Крушевска Република“, преку кои на најдостоинствен начин се чествуваат спомените на големите историски настани – Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Манифестацијата, која се одржува секоја година, ќе заврши на втори август во Крушево, на прославата на големиот празник Илинден.





Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.