Изложбата „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“ на уметникот Роберт Јанкулоски во петок пред прилепчани

Изложба на фотографии „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“ од фотографот Роберт Јанкулоски ќе биде отворена на 11.09.2020 /петок/ од 20 часот во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“. Ќе бидат претставени 15 фотографии со големина 80×100 изработени на архивска, памучна хартија, на кои е пренесено авторовото видување за семејството и љубовта, за начинот на виртуелно живеење во денешно време.

Роберт ЈАНКУЛОСКИ

Роден е во Прилеп, 1969 година. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје на катедрата по камера во 1996. Магистрирал во 2011 на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија, 2000 година. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот: Скопје, Прилеп, Белград, НовиСад, Виена, Њујорк, Истанбул, Брисел, Варшава, Загреб, Панчево, Париз, Рим, Пловдив, Лион, Ротердам… Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција. Во моментов е редовенпрофесор и декан на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет “Еуропа Прима” во Скопје.

Светлана Младенов за изложбата

„Да се сочуваат фотографии значи да се сочува светот“

Позиционирајќи се на уметничката сцена во Македонија во почетокот на деведесеттите години, РобертЈанкулоски многу бргу го освојува регионалниот и европскиот културен простор во кој се има афирмирано и издвоено со своите иновативни истражувања во едно проширено поле во уметноста. Како мултимедијален уметник својата визура посебно ја има насочено кон фотографијата и многубројните можности во овој медиум. Низ интелектуалното размислување, со идејата како поттикнувачки импулс и јасен и прецизен концепт го гради својот уметнички дискурс, препознатлив со спојот на историјата и современоста, минатото и сегашноста, меморијалното и актуелното, традиционалното и модерното, интимното и јавното, локалното и глобалното, регионалното и универзалното, емотивното и рационалното. Новото за него не е само во тоа што е веќе остварено туку и во чинот на повторното читање и реинтерпретирање на постигнатото. Сублимирајќи ги различните постмодернистички постапки во својата работа (цитатност, деконструкција, субјективно преземање на мотив, дело во серии, фрагментност, експеримент…) има реализирано комплексен уметнички концепт со многу активен однос кон општеството, етиката и естетиката со почитување на традицијата и со компромиси кон историјата.

За Роберт Јанкулоски би можело да се каже дека припаѓа и на корпусот на уметници блиски до контекстуалната уметничка пракса што се гледа по неговиот афинитет за работа и делување надвор од галериските, алтернативните и слободните урбани простори, како и поусвојувањето in situ постапки со почитување на контекстот, меморијата и значењето на одбраниот простор или место. Често неговите проекти се изведуваат низ форма на уметничка акција или интервенција кои му овозможуваат подобра комуникација и интеракција со публиката. Преку одредени акции има создавано стратегија на провоцирање, дискретна иронија и само навестена духовитост.

Во концептуалното дело Инстант семејства – мултипликација на љубовта, Роберт Јанкулоски го истражува актуелниот општествен контекст на Скопје, градот во кој живее и работи, а кој е пример, а воедно и жртва, на последиците од распадот на заедничката држава (Југославија) и формирањето на малите засебни самостојни заедници (држави, републики, со признаени и полупризнаени статуси).

Скопје во визуелна и културолошка смисла по втор пат за педесет години доживеа судбоносна промена. Првиот пат по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а вториот пат по проектот „Скопје2014“ што е сè уште во тек. Денес, центарот на градот е доведен до непрепознатливост. Уреден е голем субурбан дел со новои зградени згради што по стил изгледаат постари од постоечките, фасадите на некои значајни објекти се сменети, а на самиот плоштад и неговата околина изникнаа голем број монументални споменици. Се чини како да се привремено тука и како да чекаат транспорт на друга локација. Овој проект е еден од најконтроверзните на просторот на бивша Југославија, изведен и во последните години.

Бавејќи се со уметничка фотографија, Роберт Јанкулоски ја има искористено предноста на овој медиум во смисла на неговата искреност и вистинитост, па низ неговата документарност ја има прикажано сценографијата на скопскиот јавен простор во кој одредени објекти и згради изгледаат како макети, компјутерски вметнати во композицијата, со лажни привремени фасади. Исто така ги има искористено и манипулативните можности на новитете хнологии во фотографијата и методот на инсценирање, сместувајќи луѓе (лажнисемејства) во туѓ амбиент. Играта на лажното и вистинското, нивното преплетување, вкрстување и преклопување предизвикуваат збунувачка визија за стварноста во која тешко можат да се раздвојат вистинските и веродостојните факти од манипулативните и измислените, како и да се спротивставуваат нивните значења.

Во најновиот проект, премиерно изложен во Центарот з современи уметности во Подгорица, остварувајќи атмосфера на дистанца и сценичност, директно ги соочи непознатите луѓе со избраната скопска сценографија, луѓето кои меѓусебно немаат вистински контакт и врска, а кои се споени во групи за да се создаде илузијата за семејство. Тие „непостоечки“ и „нестварни“ семејства, со лицата свртени кон новите/старите „кулиси“, градби, фасади и објекти (скулптури, фонтани, галии…), а со грб свртени кон случајните набљудувачи, зборуваат за бесмисленоста, збрката и конфузијата на лажно-вистинските информации и факти. Како да се дојде до вистината, како да се утврди веродостојноста на изреченото и прикажаното? И дали е тоа воопшто потребно кога лагата и манипулацијата се позаводливи и попривлечни, па низ скандали и ексцеси нудат перманентно возбудување?

Македонското општество е можеби само еден од примерите на овие негативни процеси на давање легитимитет на лажното и измисленото, а на штета на вистината која, потценета, го губи значењето (промената на тези, манипулацијата со вистината и историјата, лажниот сјај, лажните биографии, лажниот живот…) кои се одвиваат во транзициските општества, посебно во оние што се создадоа по распаѓањето на Југославија. Со овие процеси е поврзана судбината на обичниот човек/граѓанин, неговата егзистенција, углед и интегритет.

Уметникот како транзициски парадигматски актер чувствува лична одговорност и потреба да посочи кон нив, да поттикне на размислување и да ги забрза суштинските позитивни општествени промени. Роберт Јанкулоски низ својата актуелна уметничка пракса успешно го развива критичкиот дискурс на релацијата општество – поединец и општество – уметник/уметност раководејќи се со хумани и естетски критериуми.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.