Избегната катастрофа во прилепско Бонче, пожарот се приближил до куќите

Катастрофа била избегната во прилепското село Бонче, откако силен ветер рано утрово го пренел пожарот кон населеното место и огнената линија се приближила до куќите, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, пожарот околу 4 часот се спуштил кон долот над селото, при што ситуацијата била исклучително сериозна. Во гаснењето биле ангажирани доброволни пожарникари од Битола и Кочани, а дополнително била побарана помош од екипи од Прилеп и Кавадарци.

-Благодарение на храбрите пожарникари од Битола и Кочани, селото беше спасено, рече Ангелов, посочувајќи дека теренот бил тежок, со ридови и висока вегетација, а огнената линија била долга.

Во интервенцијата учествувале и доброволци од Битола, од кои дел се наголтале чад. Ангелов предупреди дека без навремена интервенција огнот можел да помине низ селото, во кое има повеќе од 50 куќи и живеат повеќе од десет лица, меѓу кои и мајка со бебе.

Сериозна е состојбата и кај селото Палиград во Општина Студеничани, каде пожарот повеќепати бил ставен под контрола, но повторно се активира поради тешкиот терен, високите температури и силниот ветер. Таму се ангажирани професионални пожарникари од Скопје, возило „Пинцгауер“ на ДЗС и три „ер трактори“.

Активни пожари има и на териториите на Маврово-Ростуше и Кичево.

Ангелов повторно апелираше до граѓаните да бидат крајно внимателни, предупредувајќи дека една искра може да предизвика голема катастрофа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.