Во Охрид деновиве се одржува првиот камп по ритмичка гимнастика, во организација на Клубот за ритмичка гимнастика „Авантгард“ од Прилеп, кој на едно место собра млади и талентирани гимнастичарки од Македонија, Србија и Косово.
Посебен белег на кампот претставува присуството на Ерика Зафирова од Бугарија, олимписка шампионка и освојувачка на златен медал на Олимписките игри во Токио 2020. Нејзиното искуство и професионално знаење се голема инспирација за младите гимнастичарки, кои во текот на кампот имаат ретка можност да учат и да тренираат со врвен спортски професионалец.
Програмата на кампот опфаќа пет часа професионални тренинзи дневно, посветени на техниката, движењето и усовршувањето на натпреварувачките. Во стручниот тим е вклучен и Бобан Русески, балетски педагог и кореограф, кој работи на развојот на балетската техника, грациозноста и сценскиот израз на гимнастичарките.
Кампот е организиран од прилепскиот клуб „Авантгард“, предводен од претседателката проф. Александра Стојаноска, со цел ваквите стручни собири да продолжат и во иднина и да прераснат во традиционален спортски настан.
Од клубот истакнуваат дека кампот има многу пошироко значење од самиот спортски дел, бидејќи претставува можност за создавање нови генерации гимнастичарки, размена на искуства и подигнување на нивото на ритмичката гимнастика во регионот.
Свеченото отворање беше збогатено со присуството на претставници и советници од Општина Охрид, кои ја дадоа својата поддршка на оваа спортска иницијатива.
Организаторите упатија благодарност до хотел „Лебед“ за гостопримството и одличните услови за престој, до Основното училиште „Григор Прличев“ за обезбедените услови за реализација на тренинзите, како и до „Витаминка“ од Прилеп за подароците и поддршката на младите спортистки и ваквите спортски настани.
Првиот камп по ритмичка гимнастика во Охрид е замислен како почеток на нова традиција која, според организаторите, треба да расте со секоја нова генерација и да создава идни шампионки и нови спортски успеси.


























