Првата вечер од 16-то издание на „КГЈ 3×3“ уште еднаш покажа колку Прилеп ја сака кошарката. Могилата на непобедените беше преполна со млади луѓе, кошаркари, рекреативци и љубители на баскетот, а атмосферата беше доказ дека овој спорт во градот има огромен потенцијал.
Иако по 16 години турнирот годинава за првпат ја промени својата традиционална локација, тоа воопшто не влијаеше врз интересот. Напротив, „КГЈ 3×3“ повторно покажа дека може да собере огромен број млади луѓе на едно место.
А вечерва – повторно истата слика. И утре, до последниот натпревар, се очекува Могилата да биде исполнета со баскет, публика и млади кои живеат за овој спорт.
Но токму овие слики отвораат едно сериозно прашање: зошто кошарката во Прилеп добива само околу 5.000 евра за цела година?
Општина Прилеп оваа година за кошаркарскиот клуб „Мега Баскет“ издвои 300.000 денари, односно околу 5.000 евра.
И тука доаѓа парадоксот.
Од една страна, гледаме стотици млади луѓе собрани околу кошарката, преполни терени, талентирани кошаркари и турнир кој 16 години ја гради својата традиција.
Од друга страна, финансиската поддршка за клубот кој треба да биде еден од столбовите на прилепската кошарка е на ниво од само 300.000 денари годишно.
Дали тоа е доволно за спорт во кој Прилеп со години создава таленти?
Дали со ваква поддршка можеме да очекуваме младите кошаркари да останат во градот, да имаат квалитетни услови за тренинг и да се развиваат во сериозни играчи?
„КГЈ 3×3“ можеби е само турнир, но сликите од Могилата покажуваат нешто многу поголемо, дека во Прилеп постои огромен интерес за кошарката.
Младите се тука, талентот е тука, публиката е тука….
Прашањето е дали институциите ќе го препознаат тоа и ќе вложат повеќе во спортот кој очигледно има потенцијал да создава нови генерации кошаркари.
Зашто ако една вечер на еден баскет турнир може да собере толку многу млади луѓе на едно место, тогаш можеби е време да се постави прашањето:
Колку навистина вреди кошарката за Прилеп?
И дали навистина вреди само 5.000 евра годишно?



























