Во просториите на СОУ “Орде Чопела” во Прилеп, а по повод 11.Октомври-Денот на народното востание, се одржа шаховскиот Рапид турнир „МАТ 2026“. Турнирот беше во чест на прилепските шаховски легенди, а годинашното издание привлече рекордни 174 шахисти од осум држави и два континента – Европа и Америка.
На шаховските табли се натпреваруваа играчи од Македонија, Мексико, Србија, Косово, Грција, Црна Гора, Албанија и Бугарија, што дополнително го потврди меѓународниот карактер на турнирот.
Сосема заслужено, со смирена и зрела игра, победник на турнирот и освојувач на златната статуетка стана македонскиот велемајстор Звонко Станојоски, кој освои одлични 7,5 поени.
Второто место му припадна на репрезентативецот на Косово, Мухамет Аслани, со 7 поени, кој благодарение на најдобриот бухолц го освои сребрениот медал. Бронзата ја освои македонскиот репрезентативец Никола Николовски.
Со ист број поени како освојувачот на бронзата, турнирот го завршија и Сулејман Суљовиќ од Србија на четвртото место, Дејан Стојановски на петтото, мексиканскиот шахист Фого Ескувел на шестото и Зимбери Астрит од Косово на седмото место.
Осми со 6,5 поени беше македонскиот репрезентативец Андреј Велјаноски, а со истиот број поени турнирот го завршија и Абдурахман Ахмет Селим и Енес Ѓаковац од Србија, кои ги освоија деветтото и десеттото место, со што се заокружи листата на десетте најуспешни шахисти.
Покрај главните награди, беа доделени и признанија во повеќе категории. Роберт Велески беше прогласен за најдобар играч од Општина Прилеп, Никола Павлески за најдобар млад играч, Теодора Ѓорѓиеска за најдобра шахистка, а Миле Трајковски за најдобар ветеран.
Посебно изненадување приреди Јован Дулев, синот на шаховскиот тренер Тане Дулев, кој на крајот од турнирот додели уште две дополнителни стокови награди – за најдобриот шахист под 18 години и за најдобриот шахист над 65 години.
Организаторите и учесниците имаа пофални зборови и за условите за игра, благодарение на љубезноста на домаќините, кои ги обезбедија сите потребни услови за реализација на еден меѓународен шаховски настан. За време на турнирот, шахистите имаа обезбедено ручек, вода, слатки производи, чај и кафе.
Од турнирот, учесниците си заминаа со убави спомени, нови познанства и желба повторно да се сретнат на шаховските табли. Организацијата и квалитетот на натпреварувањето се уште една потврда дека „МАТ“ прераснува во препознатлив шаховски бренд.
Честитки до сите наградени шахисти, а на останатите учесници им се посакуваат уште поголеми успеси на следните натпреварувања.






























