Со голем ентузијазам, насмевка и дружење започна шестото издание на најголемата македонска ултрамаратонска трка Крали Марко Треилс, „По Стапките на Крали Марко”.
„Учесниците ќе имаат цели 22 часа да ја завршат 90 километарската делница полна со голем број врвови, ридови, села и манастири“, посочи Игор Јовановски од здружението за планинско трчање TREX и ПСД Макпетрол – Скопје.
Градоначалникот Марјан Ристески ги поздрави присутните и им поска многу среќа на натпреварувачите како на 90 километарската делница, така и на стартот на 16 и 31 километарските трки и трката за деца.
„Покрај ултра маратонот Прилеп има неколку екстремни спортови кои ги негува во последните неколку години. Секоја година имаме се повеќе учесници од странство, а тоа придонесува за развојот на тој т.н. алтернативен или спортски туризам. Покрај ултра планинскиот маратон имаме и болдеринг, светски куп во параглајдинг и секако мото крос трката која не очекува наскоро, посочи, градоначалникот Ристески.
Денес започна стартот на 16 и 31 километарските трки на кои се пријавени 250 учесници, а веднаш по нив ќе стартува и трката за деца на која оваа година со помош на Општина Прилеп и училиштата се пријавени околу 90 деца.
За оваа година предвидено е и он-лајн следење на тркачите преку мерење со чип на одредени контролни точки од стазата.