ЈКП „Водовод“ – Битола денес започна со реконструкција на водоводната мрежа на делница од улицата „Маркс и Енгелс“, во рамки на активностите за модернизација и подобрување на водоснабдителниот систем во градот.
Со проектот се опфатени две делници со вкупна должина од 253,76 метри, како и 35 куќни приклучоци. Вкупната должина на реконструираната мрежа, заедно со приклучоците, изнесува 396,8 метри.
Реконструкцијата е дел од проектите добиени во рамки на Вториот повик на Владата на Република Северна Македонија за поддршка на проекти за унапредување на локалната самоуправа.
Од ЈКП „Водовод“ – Битола посочуваат дека оваа активност е дел од пошироките напори за постепена и целосна замена и модернизација на старата водоводна мрежа низ градското подрачје, со што се очекува да се подобрат сигурноста и квалитетот на водоснабдувањето за битолчани.
Граѓаните навремено ќе бидат информирани за наредните активности, како и за динамиката на изведување на работите.
























