Жално: Kралcката гpoбница во прилепско Бонче оставена на забот на времето (Видео)

Монументалната Кралска гробница од македонски тип која датира од 4-от век п.н.е, а која за прв пат е откриена уште во 1936 година на археолошкиот локалитет „Павла Чука“, помеѓу прилепските села Бонче и Подмол, оставена е на забот на времето, тврди археологот Антонио Јакимовски, кој е и раководител на истражувањата на овој Проект, а кои периодов се продолжени – oбјави “АЛФА ТВ”.

„Гробницата е оставена на забот на времето. Ништо не е направено ни за неа, ни околу неа. Освен археолошките истражувања, немаме никакви конзерваторски активности. Афирмирана е само во научниот свет, во Германија, Англија и во други светски метрополи, каде што сме ја презентирале. Таа е позната во науката, но тука не е ништо направено. Секако дека треба да се заштити, барем да се означи дека имаме некаков археолошки објект кој во нашава држава е од раната антика и е еден од најубавите, ако не и најубавиот“ – вели Јакимовски.

За продолжување на истражувањата, Министерството за култура годинава доделило само 250.000 денари, а минатата година пак, само 150.000 денари, што според Јакомовски е премалку, но како што вели, барем имало континуитет во доделувањето средства.

„Добро е што има континуитет…барем да се исчисти и да се одржува. Барем еднаш годишно тоа мора да се прави. Ние работиме повеќе од ентузијазам отколку што имаме средства“ – посочува Јакимовски.

Се претпоставува дека ова е античкиот град Пелагонија кој што бил главен град на Четвртата Македонска Мерида, по поделбата од римската власт. Градот се протега на површина од околу 15-тина хектари и во него има над 20 некрополи, што претпоставува дека имал околу 15-20 илјади жители. Пред 15-тина години, колку што траат и истражувањата, овде се пронајдени и трите парадни штита на војници од војската на Македонскот крал – Деметриј, како и монети на кои пишува „Македонија четврта“.

Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.