Ротаракт клубот Прилеп ги повикува граѓаните да се приклучат на еко акцијата „Есенска сликовница“, која ќе се одржи на 1 ноември 2026 година, со цел подигнување на еколошката свест и поттикнување на поголема грижа за животната средина.
Акцијата ќе опфати планинарска прошетка на релацијата од селото Селце до манастирот „Св. Димитриј“, при што учесниците ќе собираат отпад долж патеката и со конкретни активности ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.
Од Ротаракт клубот Прилеп посочуваат дека целта на иницијативата е да се поттикне личната одговорност кон природата и заедницата, испраќајќи порака дека грижата за животната средина не треба да биде само повремена активност, туку дел од секојдневното однесување на секој поединец.
„Есенска сликовница“ е првиот проект на клубот во оваа ротаријанска година и претставува дел од поширока иницијатива посветена на заштитата и унапредувањето на животната средина.
Следната активност е најавена за 15 ноември 2026 година, под наслов „100 дрва, 100 приказни“, кога ќе се организира акција за садење дрвја. Со оваа иницијатива, клубот има за цел да придонесе за создавање позелена околина и да поттикне долгорочна грижа за природата.
Од Ротаракт клубот Прилеп упатуваат покана до сите заинтересирани граѓани да се приклучат на активностите и заеднички да покажат дека позитивните промени во заедницата започнуваат со лична иницијатива и конкретни дела.
























