“Еве како Миле Талески ќе го спасуваше РК Прилеп кој за прв пат е пред втората лига? Спортот е уништен во Прилеп”

Прилепската локална самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски финансиски ќе го поддржи ракометниот клуб „Прилеп“, што значи дека клубот ќе го продолжи натпреварувањето во ракометната Супер лига. Ова е заклучокот од одржаната средба во март минатата година помеѓу градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски и претседателот на РК „Прилеп“, Александар Мариноски.

Година дена подоцна, клубот поминува низ најтешкиот период во неговото постоење. На три кола до крајот на Суперлигашката сезона, РК Прилеп се наоѓа на претпоследното место на плеј аут табелата и му претстои бараж натпревар за опстанок во најелитното ракометно друштво во државата.

Клубот се натпреварува со млади момчиња, кои за среќа немаат доживеано посериозни повреди против далеку постарите од нив колеги во другите клубови. За лошата ситуација во клубот на Фејсбук се јави и ракометната легенда на поранешен “Тут-Ком”, Боро Шокоски.

“Соберете сили, исплатете плати, Прилеп е болен за ракомет”, порача меѓудругото Шокоски, кој важеше за еден од најдобрите поединци на поранешната вицешампионска генерација на “Тутунски Комбинат”.

Дали Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Советот, Миле Талески, ќе се одважи и конечно ќе ги исполни ветувањата за развој на спортот во Прилеп, или пак ќе ја направат истата грешка како со фудбалскиот клуб Победа, останува да видиме во кусиот период кој следи.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.