Дојдете, дегустирајте и купете – најдоброто од македонските органски и домашни производи во сабота на платото кај Саат Кулата во Прилеп

Традицијата, домашните вкусови, локалните производители и приказните на руралните жени, ќе се сретнат во срцето на Прилеп, кај Градскиот Саат.

На 12 септември, платото кај Градскиот Саат во Прилеп ќе се претвори во вистинска мала ризница на домашни вкусови, традиција и производи од цела Македонија. Станува збор за традиционалниот настан „МЛЕКО 2026“, во организација на “Slow Food”, кој се одржува по осми пат, а по петти пат Прилеп е домаќин на истиот.

Оваа година настанот се одржува под мотото „Корени и трпеза – Руралната жена денес“, ставајќи го во центарот вниманието на жената од руралните средини, нејзиниот труд, знаење и огромниот придонес во зачувувањето на традиционалното производство и домашната храна.

Руралната жена е еден од столбовите на животот на село. Таа е дел од секојдневната грижа за семејството, но и активен учесник во земјоделството, сточарството и производството на храна. Со своите раце и знаење таа ги зачувува старите рецепти, традиционалните начини на производство и вредностите кои со генерации се пренесуваат од едно на друго поколение.

Нејзината приказна е приказна за работа, истрајност, љубов кон земјата и почит кон традицијата, но и за современата жена која денес се обидува да создаде егзистенција, да го развива семејниот бизнис и да придонесува за локалната економија.

Од утро па сè до попладневните часови (10-16ч), платото кај Градскиот Саат ќе биде исполнето со мириси, вкусови и приказни.

На „МЛЕКО 2026“ ќе бидат присутни голем број изложувачи на органски и традиционални производи од цела Македонија, производители на млечни производи, мед и пчелни производи, вино, месо и месни производи, природна козметика, како и рачно изработени занаетчиски производи.

Посетителите ќе имаат можност да поразговараат со производители на млеко и млечни производи од цела Македонија. Ќе се дегустираат различни сирења и млечни специјалитети, подготвени од домашни производители. Ќе се претстават и бројни локални производи кои совршено се надополнуваат со млечните специјалитети.

Но, покрај вкусовите, посетителите ќе имаат можност да ги слушнат и вистинските приказни за животот во руралните средини, за предизвиците и радостите на сточарството и за луѓето кои секојдневно се борат да ја зачуваат традицијата и да создадат иднина од неа.

„МЛЕКО“ веќе е препознатливо како настан кој ги спојува вкусовите, приказните, традицијата и музиката, создавајќи атмосфера во која посетителите не се само публика, туку дел од целата приказна.

Во изминатите години, платото пред Саат кулата беше исполнето со стотици прилепчани кои доаѓаа да дегустираат, да се дружат, да уживаат во убавото време и староградската песна, но и да си понесат нешто од богатата понуда на домашните производители.

И оваа година пораката е едноставна: “Да ги чуваме корените. Да ја почитуваме трпезата. Да го вреднуваме трудот на руралната жена. И да ја поддржиме иднината на нашето сточарство и домашно производство”.

Во сабота (12.09.) дојдете кај Градскиот Саат и верувајте ќе има што да видите, пробате, почувствувате!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.