Денеска ќе наполнеше 42 години: Toше има само датум на раѓање!

Македонија денеска одбележува 42 години од раѓањето на најголемата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој трагично загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Со крводарителска акција, со почит на неговото вечно почивалиште, промоција на уметнички дела и со музичко-сценскиот настан насловен „Ангел си ти“ денеска во Спомен-домот „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево ќе бидат одбележани 42 години од раѓањето на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, на хуманитарецот и човекот со ангелско срце, Тоше Проески.

Хуманитарната крводарителска акција, во организација на Црвениот крст од Крушево, во Спомен-куќата ќе трае од 9 до 16 часот. Во 10.30 е посетата на вечното почивалите на Тоше на Гумење, а од 11 часот е изложбата на дела на уметницата Марија Бојкоска од ликовната школа „Тоциновски“ од Скопје.

Во Спомен-домот „Тодор Проески“ ќе бидат промовирани делата од 26. Керамичка колонија од Велес. За 42-риот роденден на Тоше ќе бидат промоврани и 42 маички печатени со победнички мотив.

Напладне е сценско-музичкиот настан насловен „Ангел си ти“. Музички рефрени од Тоше ќе изведат Андријана Јанеска и Бојан Стојков во придружба на „Џез сценарио“ од Битола, во аранжман на професорот по пијано и диригирање Вангел Мажески.

Крај вечното почивалиште на Тоше Проески ќе бидат и неговите обожуватели и приврзаници кои секогаш доаѓаат од земјава и Балканот.

Спомен-куќата „Тодор Проески“ ги чува спомените за големата музичка ѕвезда и е најпосетуваниот музеј на овие простори.

Тоше загина на 16 октомври 2007 година. Тој не беше само македонска, туку и балканска ѕвезда. Неговите песни станаа хитови кои се пејат и денес.

Соработуваше со композитори од Балканот и светот како Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински и Ања Рупел.

ТОШЕ ИМА САМО ДЕН НА РАЃАЊЕ!





Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.