Две децении синоним за професионалност, посветеност и љубов кон животните: Интервју со Д-р Панче Дамески

Две децении исполнети со професионализам, посветеност, пожртвуваност и љубов кон животните. Две децении “Дамески Ветерина”. Д-р Панче Дамески во изминатите 20 години стана синоним за доктор ветеринар, а неговата ветеринарна клиника денеска е една од најпознатите во целата држава. Дамески е прв доктор по науки по ветеринарна медицина од Прилеп и втор доктор по науки од областа на ветеринарната хирургија од Македонија. Тој е човек со толку богато интелектуално и професионално искуство, професор на Ветеринарниот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски”, човек кој во себе носи огромна љубов кон животните и човек кој неуморно и после 20 години се вложува во својата професија.

Докторе “Дамески Ветерина” одбележува јубилејна 20-годишнина од своето постоење и е најпозната ветеринарна абмуланта во Прилеп, но и пошироко во државата. Како поминаа овие 20 години за вас, кои ви беа очекувањата кога пред 20 години започнавте професионално да ја работите оваа благородна професија?

-Најнапред дозволете да ве поздравам во мое име и во име на сите вработени во ветеринарната клиника Дамески Ветерина, која како што кажавте оваа година слави 20 години од своето постоење. Тоа е период после кој можете да направите една добра ретроспектива и да видите дали сте биле успешен во својата работа, дали сте биле задоволен со својата работа, дали вашите пациенти и нивните сопственици биле задоволни од услугите кои ги добивале. Во секој случај очекувањата кои ги имавме на почетокот, со висок професионализам, посветеност и огромна љубов кон својата работа да помагаме на што поголем број на домашни миленици, во најголем дел се остварија и денес оваа ветеринарна клиника е синoним за успешна професионална работа, пример за посветеност на пациентите, не само во нашиот град туку и многу пошироко, за што сведочат многубројните пациенти кои доаѓаат кај нас и од многу други градови од Р. Македонија.

Кажете ни што се може да направи Д-р Панче Дамески во неговата ветеринарна амбуланта денеска? Какви се’ третмани можат да добијат одгледувачите на животни и миленици кога ќе се обратат во вашата амбуланта?

-Во нашата клиника сопствениците на животни, можат да добијат навистина една широка палета на услуги за потребите на своите миленици. Почнувајќи од превентивна имунизација против специфичните заразни болести, антипаразитарен третман против внатрешни и надворешни паразити, преку можност за комплетни хематолошки и биохемиски испитувања, ЕКГ, ултразвучен преглед, стоматолошки интервенции, специјалистички офталмолошки прегледи и интервенции, специјалистички невролошки и ортопедски прегледи и она во што сме најдобро опремени и екипирани како клиника, тоа е нашата врвна хирургија со можност за изведување на многу голем број хируршки интервенции.

Како функционирате во овие денешни услови на светска пандемија предизвикана од корона вирусот, односно дали успевате да одговорите на сите повици за помош?

-Можам слободно да кажам дека оваа пандемија предизвикана од корона вирусот не го поремети континуитетот на работа на нашата клиника. Секако во работата воведовме превентивни мерки за сопствена заштита, но и за заштита на сопствениците кои имаа потреба од услуга. Ги следевме препораките на повеќе меѓународни ветеринарни здруженија, како да функционираат ветеринарните клиники за време на пандемијата, како што се FECAVA и WSAVA, a бевме и во директна комуникација со повеќе клиники во регионот, превземајќи дел од нивните искуства и протоколи за работа.

Во изминатите 20 години имате голем број ангажмани зад себе, меѓу кои и во политиката. Во три наврати бевте пратеник во македонското Собрание од Прилеп. Дали политиката ви го одвлече вниманието од ветеринарната медицина во тој период, или никогаш не ја напуштивте вашата прва љубов?

-Видете, политичкиот ангажман ми беше голем предизвик и за време на своите мандати како пратеник целосно се посветив на таа работа. Лично сум задоволен од тоа што успеав да го постигнам како пратеник и со неколку законски решенија кои беа на моја иницијатива во доста сегменти се подобри положбата на ветеринарната служба и на Докторите по ветеринарна медицина во Р. Македонија. Овде пред се би го спомнал законското решение со кое се укина монополот на одредени ветеринарни друштва кои го имаа и сега буџетските средства наменети за ветеринарната дејност многу поправедно и порамномерно се распределени на многу поголем број на ветеринарни друштва. Во тој период работата како доктор по ветеринарна медицина ми беше во втор план. Едноставно обврските кои ги имав како професионален политичар не дозволуваа поголем ангажман во ветерината. Секако дека ја користев секоја можност да работам во ветеринарната клиника или да присуствувам на некој стручен конгрес или симпозиум, тоа беше повремено, но доволно да се остане во тек со таа работа.

Докторе, вие сте прв доктор по науки по ветеринарна медицина од Прилеп и втор доктор по науки од областа на ветеринарната хирургија од Македонија. Од одбраната на вашиот докторски труд во Загреб изминаа 4 години. Дали во изминатиот период работевте на нови научно-истражувачки дела и кои се вашите планови за во иднина?

-Да, од моето докторирање на престижниот Универзитет во Загреб поминаа 4 години и сега можам да увидам колку голема привилегија било да се дипломира, магистрира и докторира на Ветеринарниот Факултет во Загреб, кој минатата година беше рангиран во првите 10 најдобри ветеринарни факултети во Европа. Работејќи заедно со еминентни професори, врвни стручњаци во своите области, стекнувате драгоцени знаења и искуства кои искрено не можете да ги добиете овде кај нас во Македонија. Мојот престој и работа на Клиниката за Хирургија, ортопедија и офталмологија на Ветеринарниот факултет во Загреб беше вистинска инвестиција за надградба на сопственото знаење. Во една таква врвна институција гледате како треба да функционира ветеринарната служба и како треба да се развива ветеринарната наука и дека без големи инвестиции во потребен кадар и опрема не можете да се очекувате добри резултати во научната сфера. За жал кај нас сеуште многу малку се инвестира во науката, а од државните универзитети, Универзитетот “Св. Климент Охридски“ веќе подолг период добива убедливо најмалку буџетски средства, што резултира со послабо рангирање на овој универзитет, не само на меѓународната Шангајска листа, туку и многу послаба позиција и во споредба со другите државни универзитети. Во едни такви услови, многу е тешко да развивате некаква научно-истражувачка дејност, особено кога се работи за ветеринарната медицина. Секако дека овој период имам објавено повеќе научни и стручни трудови во меѓународни списанија, но реално тоа е далеку од она што можам и што би сакал да го постигнам.

-Зад себе имате богато интелектуално искуство. Вие сте и професор на Ветеринарниот факултет при Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Кажете ни на кое ниво е е ветеринарната наука во Македонија, колку младите се заинтересирани да студираат на вашиот факултет и колку како држава вложуваме во унапредувањето на оваа наука?

-За жал развојот и напредокот на ветеринарната наука во Македонија не е на посакуванто ниво и евидентно заостануваме зад земјите во регионот. Една од причините веќе ја спомнав во одговорот на предходното прашање, а тоа е недоволното инвестирање од страна на државата во развојот на науката воопшто, вклучително и во ветерината. Без поголеми одвојувања од буџетот за развој на државните универзитети и факултети, тешко дека можеме да очекуваме дека оваа неповолна ситуација може да се смени.

Околу заинтересираноста на младите да студираат ветерина морам да истакнам дека кај нас таа е многу мала и на многу ниско ниво. Ова е своевиден феномен, кој јас не можам да го објаснам. Секако дека за намалениот интерес за студирање на ветерина има и објективни причини, студирањето трае подолго во споредба со другите факултети (10 семестри), бројот на испити е доста поголем и ветерината е еден од потешките факултети. Но тоа сигурно не се единствени причини за драстично намалениот интерес за овој факултет. Денес во Македонија имаме два ветеринарни факултета, во Битола и во Скопје, а на двата факултета се запишуваат не повеќе од 50 студенти, бројка која е повеќе пати помала од онаа од пред дваесет или триесет години. Ова не би било чудно доколку истото се случува и во другите држави било во регионов или во Европа, но таму интересот за студирање на ветерина е прилично константен и скоро сите факултети во соседството работат со исполнети капацитети. Ова би требало да не загрижува како држава со оглед на фактот дека ветеринарната служба е еден од многу битните столбови за нормално функционирање во секоја земја.

Сте лекувале и сте помагале на огромен број љубители и одгледувачи на животни и миленици. Дали во овие 2 децении професионално искуство можете да извоите некоја специфична случка која ви останала во сеќавање?

-Работата на докторите по ветеринарна медицина е динамична и исполнета со секојдневни контакти со голем број на луѓе. Можам слободно да кажам дека во основа добар дел од нашата работа првенствено е работа со сопствениците на нашите пациенти. За да бидете успешни, мора да имате одлична комуникација со сопственикот и да ја имате неговата безрезервна доверба. Секако дека стручноста и знаењето се исто така многу битни, но тие нема многу да ви помогне да бидете добар доктор доколку немате добра комуникација и немате стекнато доверба кај сопственикот. Во сите овие години преку својата работа стекнав голем број одлични пријатели лекувајќи ги нивните миленици.
Во однос на случките, има навистина голем број на анегдоти кои скоро секојдневно се случуваат во оваа ветеринарна клиника и најчесто се тоа случки секогаш исполнети со голема доза на позитивна енергија. Навистина тешко ми е да издвојам некоја од големиот број, но еве една актуелна која се случи пред некој ден.
Со оглед на пропишаните протоколи поради корона вирусот, сега сопствениците со пациентите чекаат пред амбулантата и влегуваат во амбулантата еден по еден. Доаѓа еден добар познаник, со својот лабрадор ретривер, стар повеќе години и наш редовен пациент. Пред да влезе, ме прашува, Докторе маска да ставам? Јас му одговарам, Нема потреба, Арон го знам долги години и е секогаш добродушен и секогаш пријатески расположен со мене. Човекот добро се насмеа и одговори: Докторе, не мислев за маска за кучето, туку јас дали да ставам маска.
Како дел од нашата работа е и тагата и тагувањето по некој миленик, но за среќа убавите моменти, успешно завршените операции и излечените пациенти се многу побројни и подоминантни во овие 20 години работа.

Што е ваша најголема поддршка низ сите животни предизвици? Од каде црпите енергија и сила?

-Најголемата подршка за да успеам во се што сум направил досега секако доаѓа од моето семејство, од сопругата Ирена, која патем речено и таа е доктор по ветеринарна медицина, и од двете мои прекрасни ќерки. Ако сум ја немал нивната безрезервна подршка, сигурно не би постигнал мал дел од ова што го имам денес. Секако неправедно би било да не ја споменам и безрезервната подршка за се и од моите родители.
За енергијата и силата морам да му се заблагодарам и на Господ Бог кој ми дал огромна љубов спрема животните, особено спрема кучињата и од таа љубов и желба секојдневно да му се помогне на животните не е тешко да црпите сила и енергија.

Дали некој од вашето семејство веќе пројавува желба и интерес за оваа професија, односно дали во иднина ќе имате наследник?

-За жал одговорот на ова прашање е негативен и ни едно од децата не пројави желба за оваа професија. Можеби сеуште има време помалата ќерка да го смени своето мислење и интерес, но не верувам дека во иднина таа ќе ме наследи како доктор по ветеринарна медицина. Сепак секој треба да си се најде во својот живот и секој би требало да го работи она за што има предиспозиции и она што го сака.

За крај ваша порака до сите млади луѓе кои имаат желба или веќе се занимаваат со оваа професија. Кој е клучот до успехот за да се постигне, ако не се’, барем половина од она што го имате постигнато вие?

-Сакајте ја својата работа и бидете посветени на својата работа. Надградувајте се и инвестирајте континуирано во своето образование и знаење. Тоа е клучот за сигурен успех, клучот за висока позиција како ценет и корисен член во општеството.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.