Двете светилишта во Прилеп каде утре за Илинден ќе врие народ и морате да ги посетите (ФОТО)

Ако сеуште не сте се одлучиле каде да го поминете утрешниот празник, време е да го запалите возилото и да не чекате ни миг повеќе. Наместо на излет покрај море или езеро, ве упатуваме до двете светилишта во прилепско кои утре за Св. Илија – Илинден, ќе вријат од народ.

На околу 30 км од Прилеп, движејќи се по патот Прилеп-Градско, се скршнува кај с. Беловодица и преку селата Царевиќ и Смолани, се пристигнува во една волшебна рајска убавина, до манастирот посветен на Св. Илија во с. Дрен.

Низ предели исполнети со зеленило, шаренило, мир и тишина, низ прегратки на дебела дабова шума, се доаѓа до ова здание кое ни имагинација и магија не би го создале сами од себе.

А таму ќе ве пречекаат шарени пауни, рајски птици, носители на мир, бели гулаби, многу цвеќе и одлична уреденост и чистота.

Она што оди во прилог на целосно опуштање и заборав на сите проблеми, е тоа што нема мобилна мрежа, но има повеќе од доволно што да се види и доживее.

Љубовта кон бога и веројатно силата која им ја подарил светиот пророк Илија, се нештата кои помогнале на сите добронамерници да го изградат ова што постои и плени сечие око.

Водата од манастирската чешма е мевлем и лек за душа, силна, бистра и студена.

За втора дестинација ве праќаме во село Кален мариовско каде ќе ве дочека манастирот Св. Илија Писокал.

Манастирот се наоѓа во живописната и недопрена природа на почетокот на Мариово, веднаш после превојот Слива од десната страна на патот Прилеп-Витолиште, на оддалеченост од 18 километри од градот. Писокал е поранешно село кое во 1873 година имало 46 жители во 9 домаќинства, а во 1900 имало 90 жители. Селото Писокал згаснало, запрел плачот на децата, крикот на добитокот и црковната камбана, под притисокот и палежот на Турците и Србите, во почетокот од минатото столетие.

Се запретале во пепел огништата, се преселил животниот пламен и ритамот на срцата со болка во душата. Се исселиле жителите во денешното село Чумово. Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака. По дремката, и исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, и ја вратил “рубата”. За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.

Инаку, црковниот одбор вели дека црквата е обновена со дарови на населението, кое го посетува местото. Се одмора во студените сенки, по неколку дена, полнејќи ги дробовите со чист ладен воздух и активирајќи пријатни чувства на сите сетила. Кренат е конак со неколку соби, опремени за ноќевање, има трпезарија и кујна за подготовка на храна за слава за над илјада луѓе.