Двајца адвокати утре на пратениците ќе им достават предлог закон за амнестија на Јане Ченто и останатите ocyдени за 27 април

Од адвокатската канцеларија Јанаки Митровски и адвокатската канцеларија Пешевски и Тимовски информираат дека утре до сите пратенички групи и пратеници ќе поднесат предлог Закон за амнестија на осудените за настаните од 27 Април 2017та година. Како што појаснуваат, со предлогот се бара сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени од понатамошно издржување на казна, а за осудените над десет години да се ослободат од 50% казна.

– Како адвокат кој практикува кривично право, не наоѓам никакво оправдување за стореното. Но истовремено сметам дека не постои поголема неправда од селективна правда. А цела Македонија е сведок дека со Законот за амнестија од 2018та година, селективно беа амнестирани дел од осудените поради политичко лукративни причини па така Крсто е милионер, Рамчиловиќ амбасадор, Бетка демек ја судат итн. додека обичните смртници пуштени низ вода веќе шестта година скапуваат на робија.

Од тие причини, а како најголемиот дел од осудените имаат одлежано половина од изречените казни и се пет и пол години во затвор, и особено во насока на исправање на неправдата нанесена со селективната амнестија, го поднесуваме овој предлог Закон до сите пратеници од кои очекуваме да иницираат негово ставање на дневен ред.

Се разбира законското решение може и да се доработи од страна на заинтересираните пратеници, за што посочените адвокатски канцеларии стојат на располагање.





Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.