Да ги поддржиме младите прилепски иноватори! EcoBloom меѓу 140-те најдобри ученички бизнис-идеи во Македонија

Петмина средношколци од Прилеп со својата креативност, иновативност и желба да придонесат за поздрава животна средина испишуваат една убава младинска приказна. Тимот EcoBloom, составен од ученици на СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“, развива иновативен еколошки производ, а сега има потреба и од поддршката на прилепчани за да направи уште еден чекор напред.

Нивната бизнис-идеја е биоразградлив освежувач за автомобили, изработен од природни материјали, кој во себе содржи семе. Она што го прави посебен е тоа што по употребата, наместо да заврши како отпад, може да биде засаден и да прерасне во ново растение.

Зад EcoBloom стојат Петар Чадамов, Изабела Слабакоска, Душко Илиески, Теона Слабакоска и Ивана Ѓуроска – петмина млади луѓе кои веруваат дека добрите идеи немаат возрасна граница.

Нивната посветеност веќе донесе значајни резултати, вклучувајќи високи пласмани на национални натпревари и можност да го претставуваат Прилеп и Македонија на европско ниво, на натпреварот GEN-E во Рига.

Сега се дел од натпреварот „Средношколец милионер“, каде што успеаја да се пласираат меѓу 140-те најдобри ученички бизнис-идеи во државата. Следниот чекор е пласман меѓу 60-те најдобри, за што одлучува и јавното гласање.

Токму тука можеме да помогнеме сите ние!

Со еден глас можеме да дадеме поддршка на петмина млади прилепчани кои со сопствен труд, знаење и ентузијазам покажуваат дека нашиот град има креативни умови, иноватори и млади луѓе со визија.

Да ги поддржиме младите прилепчани! Да им покажеме дека нивните идеи вредат и дека зад нив стои град кој верува во своите млади.

🗳️ Гласајте за EcoBloom на следниот линк:
https://milioner.mk/vote/23dedf51-8f3d-4153-93d6-36c10b8c0e19

Секој глас е важен. Нека ова биде уште една убава приказна во која успехот на младите ќе биде и успех на Прилеп!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.