Група верници од Прилеп 17 години го посетуваат и помагаат манастирот Св. Марина во Мала Преспа (ФОТО ГАЛЕРИЈА/ВИДЕО)

 

Во близина на селото Туминец во Мала Преспа, Република Албанија, се наоѓа преубавиот манастир Св. Марена. Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.

Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се исселени тие за овој празник се тука.

Вообичаено е на овој празник, кога заради жештините “гори небото и земјата, не се работи “ниту една работа”. Во народната традиција сочувани се примери на пожари или громови во во топлите празнични денови изгореле жито, сено и домовите на луѓето кои го прекршиле празникот и работеле на празникот на Свети Марина.

Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Група верници од Прилеп цели 17 години го посетуваат светилиштето кај Туминец, а нивната верба во Бог ги натерала да донираат и да собираат донации за овој манастир да ги добие сите потребни услови.

Неодамна тие со помош на повеќе донатори успеаа да инсталираат фотоволтаични панели на конаците од манастирот, при што за прв пат беше донесена електрична енергија и светнаа манастирските сијалички.

Не постојат зборови со кои може да се опише овој предел, бистрината на водата, недопрената и раскошна природа и чистиот како стакло воздух.

Селото Туминец се наоѓа на падините на Пречна Планина, на брегот на Преспанското Езеро, а на северниот брег на заливот Завир.

-До селото пристигнавме преку граничниот премин Стење-Горица. Нашинците таму не’ пречекаа со раширени раце, со насмеани лица и расположени за муабет. Поседивме пред продавницата на селскиот кмет Јане, а потоа со кајче се упативме кон манастирот Св. Марена – раскажуваат тие.

Oвој пат прилепчани во манастирот однесоа шпорет кој ќе се најде за манастирската слава.

За да се уверите за каква убавина станува збор, ќе ве оставиме да уживате во видеото во продолжение:

Прилепчани ќе бидат гости и за празникот на 30 јули, кога двајца од нив ќе бидат домаќини.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.