Во чест на Тоше, утре во Крушево ќе пристигнат маратонците кои за нашиот ангел трчаат од Нова Градишка

Почитувачите на Тоше Проески, и годинава на 16-ти октомври ќе ги пречекаат маратонците во неговото родно Крушево. Учесниците во ултрамаратонот во чест на Тоше Проески, од Нова Градишка до Крушево ќе пристигнат во 11:30 часот во Крушево и ќе бидат пречекани со рози.

Организаторот СОУ „Наум Наумовски Борче“ со поддршка на Општина Крушево и Локален младински совет Крушево, заедно со други институции, угостители, компании и граѓани набавија рози за достоинствен пречек на спортистите. Розите, ќе бидат оставани на патот каде што ќе поминуваат маратонците, од влезот на градот се до вечното почивалиште на Тоше.

Ова е втора година по ред на ваков начин да се пречекуваат маратонците, а според организаторите целта е заеднички, граѓаните и институциите да придонесат споменот за Тоше да продолжи да живее.

Ултрамаратонот се одржува по дванаесетти пат. Започна неколку години по смртта на Тоше, македонската и балканска музичка легенда кој на 16-ти октомври 2007 година, во сообраќајна несреќа загина на автопатот близу Нова Градишка, Хрватска.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.