Во моментов заседава кризниот штаб на општина Прилеп! Ситуацијата во МАРИОВСКО е алармантна!

Ги известуваме граѓаните на општина Прилеп дека во моментов се одржува кризен штаб предводен од началникот на истиот поради големиот пожар кој во моментов е активен во областа Мариво. Поради сериозноста на ситуацијата на кризниот штаб присуствуваше и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Во зависност од климатските услови има можност да бидат загрозени селата во близина, но сепак истите се обезбедувани од професионални пожарникари на ТППЕ Прилеп и од околните населени места – информираат од општината.

-Од неделата тимови на ТППЕ Прилеп се на терен во таа област, а вчера и денес поради големиот чад гаснењето со воздушна поддршка беше отежнато. Исто така ангажирани се и сите материјално-технички средства на Јавните претпријатија од Општина Прилеп.

Во координација со соседните општини и нивните противпожарни единици обезбедена е поддршка од Битола, Кавадарци, Новаци, Могила и Ресен.

Во текот на утрешниот ден повторно ќе се активира воздушна поддршка од АРМ и ДЗС, ќе има и поддршка од 120 лица од кои 70 од АРМ, 20 од специјалните единици на МВР и 30 од Национални шуми.

Кризниот штаб ќе заседава и ќе биде во координација со единиците на терен сѐ додека пожарот не биде локализиран – стои во соопштението од општина Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.