ВМРО-ДПМНЕ: “Кој ви даде мандат да го променувате името на Општина Прилеп? Владеачкото мнозинство прекршува низа закони” (Видео)

На денешната седница на Советот на Општина Прилеп, покрај другите точки како прва точка на дневен ред беше предложена точката за промена на Статутот на Општината. Со промената на овој Статут, се предвидува промена на името Република Македонија со Република Северна Македонија. Ова беше причина советниците на ВМРО-ДПМНЕ да ја напуштат седницата поради тоа што не беше прифатено нивното барање, повлекување на оваа точка од дневен ред.

„Ова за нас како членови на Советот на Општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија апсолутно не е прифатливо, бидејќи ниту сме избрани од граѓаните, ниту имавме ваков мандат за донесување на ваква одлука. Покрај тоа сме дале и заклетва како советници во моментот кога сме ја преземале функцијата дека ќе го штитиме Уставот и уставниот поредок на Република Македонија. Затоа, ние како советници побаравме одложување и повлекување на оваа точка на дневен ред, што од мнозинството не беше прифатено, тие го изгласаа дневниот ред. Им беше укажано на советниците, по оваа точка, дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно против промена на општинскиот статут и промена на името Република Македонија во Статутот на Општина Прилеп со Република Северна Македонија. Им беше посочено дека и оваа одлука, доколку ја донесат бидејќи седницата е се уште во тек, е апсолутно незаконска. Со ова сакам да потенцирам дека градоначалникот и советниците го кршат законот, односно кршат најмалку 3 закони и тоа: Законот за печатот на Република Македонија и печатите на државните органи во Република Македонија, Законот за територијална организација на Република Македонија и Законот за локална самоуправа“, истакна Петар Ристески, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

„Затоа, уште еднаш ќе им порачам на граѓаните, оваа предавничка, неспособна, криминална власт, која освен промената на името, уставното име и двојазичноста апсолутно ништо друго не направи за граѓаните и за градот. Ветија пониски сметки за вода за 20%, ги зголемија за 60%. Ветија еден куп проекти, апсолутно немаат реализирано ниту еден. Да излезиме сега заедно да се прошетаме со било кој од граѓаните, ќе се увериме дека во Прилеп апсолутно ништо не е направено. Прилеп овие две години е уназаден, унаказен и ние тоа како советничка група ќе го потенцираме и ќе се бориме против оваа предавничка, неспособна, ненародна власт што побрзо да замине во историјата, а со тоа ние како град и како држава да си го вратиме и угледот и чесноста и честитоста. Ние сме Македонци, такви ќе останеме, ние оваа творевина Северна нема да ја почитуваме ниту како луѓе, ниту како советници. За нас постои една и единствена Република Македонија“, додаде Ристески.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.