Претставници на Витаминка од трите клучни сектори засегнати од европската Регулатива за амбалажа и отпад од амбалажа (PPWR) – Развој, Набавка и QA – на 21 и 22 октомври 2026 година учествуваат на меѓународниот PPWR Factory Execution Forum 2026, организиран од TBM Group во Дизелдорф, Германија.
Настанот обединува експерти и претставници на компании од различни индустрии, со фокус на практичната примена на новите регулаторни барања, одржливите решенија за пакување и предизвиците што нивното спроведување ги носи во реалните производствени услови.
Регулативата (ЕУ) 2025/40 – PPWR претставува значаен чекор кон намалување на отпадот од амбалажа, поефикасно користење на ресурсите и развој на циркуларна економија. Таа воведува барања поврзани со можноста за рециклирање на амбалажата, минималната содржина на рециклирани материјали кај одредени видови пластична амбалажа, намалувањето на непотребната амбалажа, повторната употреба и означувањето за правилно селектирање на отпадот. Регулативата стапи во сила во февруари 2025 година, а нејзината општа примена започна на 12 август 2026 година, со постепено воведување на дел од конкретните барања и рокови.
За прехранбената индустрија, усогласувањето со PPWR претставува повеќе од регулаторна обврска. Тоа бара внимателно преиспитување на постојните решенија за пакување, изборот на материјали и добавувачи, техничките спецификации и можноста амбалажата истовремено да ги исполнува барањата за безбедност и заштита на производот, квалитет, функционалност и одржливост.
Преку учеството на овој форум, Витаминка ги следи актуелните европски насоки, практичните искуства и индустриските решенија што можат да придонесат кон навремена подготовка и одговорно управување со промените во областа на амбалажата.
Целта е новите барања да се преточат во применливи и долгорочно одржливи решенија – со зачувување на безбедноста и квалитетот на производите, ефикасноста на производството и конкурентноста на компанијата.
























