Двократниот европски шампион во карате, Емил Павлов, дојде до бронзениот медал во категоријата до 60 килограми на натпреварите од Премиер лигата, што се одржуваат во Истанбул.
Спортистот на Македонија за 2018 година во битката за третото место славеше во пресметката со Казахстанецот Кајсар Алписбар (4-1). Претходно, во завчерашната главна фаза, тој оствари три победи и еден пораз.
Следна цел за Павлов е Државното првенство на Македонија и плеј-офот од Премиер лигата, кои се квалификациски натпревари за Европското првенство. Негова главна желба годинава е обезбедување учество на Летните олимписки игри во Токио.