(Видео) Две слободни фрлања го најавија крајот на Југославија: Дражен погоди за славје на Шибеник, а потоа следуваше шок

На денешен ден пред точно 37 години е одиграна најславната, најконтроверзната и најтрагичната утакмица во историјата на спортот на просторите на поранешна Југославија.

Беше тоа мајсторката на доигрувањето на кошаркарското првенство во кое Дражен Петровиќ, по наводниот прекршок досуден во последната секунда, ги погоди двете слободни фрлања и поразот на неговиот клуб го трансформираше во победа од 83:82. Меѓутоа, она поради што таа утакмица се смета за најконтроверзна во историјата на југословенската кошарка, се случи секунда пред судијата Илија Матијевиќ да досуди “фантомски фаул” на Сабит Хаџиќ над Дражен. Последната секунда од таа утакмица и кошовите кои Дражен Петровиќ ги постигна беа вовед во незапамтената спортска драма која во темелот ја раздрма поранешна Југославија, бидејќи излезе од оквирот на спортот и стана прв политички проблем.

Со победата против моќната Босна кошаркарите на малиот Шибеник на својот град му ја донесоа првата титула “државни прваци” во неговата историја. Ноќта ја поминаа во славје, но следното утро донесе разочарување. Кошаркарскиот сојуз на Југославија го поништи мечот, на Шибеник со декрет од политичкиот врв му беше одземена титулата, а донесена беше одлука утакмицата да се поништи и да се преигра на неутрален терен во Нови Сад.

Со тоа, судијата Илија Матијевиќ доживотно беше суспендиран од кошарката. Ова се случило еднаш во историјата, една екипа да добие медал, во рацете да добие пехар, а потоа преку ноќ да остане без се’. Шибеник во финалето имаше предност со тоа што играше на домашен терен, бидејќи на табелата се наоѓаше пред силната Босна.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.