Вашингтон го предлага Виктор Орбан за шеф на ОН: САД, Русија и Кина го сакаат истото

Соединетите Американски Држави го повикале поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан да се кандидира за функцијата генерален секретар на Обединетите нации, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори.

Весникот наведува дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го поттикнала поранешниот унгарски лидер да влезе во трката за оваа функција, но планот сè уште чека конечна одлука. Русија и Кина се подготвени да ја поддржат оваа идеја.

„Кога САД, Русија и Кина го сакаат истото во Советот за безбедност на ОН, обично тоа и го остваруваат“, наведува весникот.

Извори од американскиот Стејт департмент проценуваат дека Орбан би можел да ја добие поддршката од 10 од вкупно 15 членки на Советот за безбедност на ОН. Велика Британија и Франција, генерално, се претпазливи кога станува збор за користењето на правото на вето, наведува „Волстрит џурнал“.

Сè уште нема кандидат што избегнал вето

По шестото прелиминарно гласање за избор на генерален секретар на ОН, ниту еден кандидат не успеал да избегне вето од некоја од петте постојани членки на Советот за безбедност – Русија, САД, Велика Британија, Франција и Кина.

Меѓу кандидатите со најголеми шанси е поранешната потпретседателка на Костарика и шефица на Конференцијата на ОН за трговија и развој, Ребека Гринспан. Сепак, две постојани членки на Советот за безбедност на ОН, кои имаат право на вето, не ја поддржуваат нејзината кандидатура.

Дипломатката од Обединетите Арапски Емирати, Лана Нусејбех, станува сè посериозна кандидатка за генерален секретар на ОН, објавува „Џерусалим пост“.

Дали Орбан навистина ќе влезе во трката?

Американските претставници наводно му го изнеле предлогот на Орбан и го охрабриле да влезе во трката за оваа функција. Поранешниот унгарски премиер покажал интерес, но сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе се кандидира, објавува „Џерусалим пост“, повикувајќи се на извори од три земји.

Орбан наводно се двоумел да ја објави својата кандидатура сè додека не биде сигурен дека има реални шанси за победа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.