Важна информација за сите ученици и студенти

Министерот за образование и наука Арбер Адеми најави дека наставата за учениците и студентите продолжува на интернет. Станува збор за веб платформа, таканаречена е-училница, која е изработена во соработка со УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието и ќе биде ставена во функција од утре.

На неа ќе се прикачуваат видеолекции за сите задолжителни предмети од основно и средно образование, кои ќе траат по 15 минути, а ќе бидат придружени со презентација и нарација од наставниците.

„Јасно е дека образовните установи нема да бидат отворени и учебната година нема да продолжи во училниците во скоро време. Но, тоа не значи дека треба да ја прекинеме учебната година во оваа вонредна состојба“, рече Адеми

Министерот истакна дека до сите училишта во земјава се доставени подготвени формулари и упатства за лекции, а веќе пристигнуваат и подготвени лекции. Стигнати се пријави за над 1.000, а досега се стигнати 400 лекции. Лекциите се проверуваат од содржински аспект и се внимава да не се повторуваат.

Во однос на начинот на оценување, Адеми кажа дека Бирото за развој веќе подготвува упатства за сите наставници и ќе бидат навреме известени.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.