Битола ќе го напаѓа врвот и во женскиот ракомет – Подготвена е нова ракометна платформа

Нова ракометна платформа меѓу Општина Битола и Женскиот ракометен клуб „Пелистер 2012“ наскоро треба да биде ставена пред советниците на разгледување и усвојување.

Договорот ќе се најде на првата наредна седница на Советот на Општина Битола, а неговата цел е да обезбеди поддршка за активностите, развојот и промоцијата на женскиот ракомет и спортот кај женската популација во општината.

Како што појаснуваат од општина Битола, платформата е насочена кон создавање подобри услови за развој на женскиот ракомет и поддршка на работата на ЖРК „Пелистер 2012“.

Од општината нагласуваат дека договорот кој ќе биде разгледуван од Советот не претставува основ за промена на капиталната структура на клубот, ниту, пак, подразбира припојување, преземање, поделба или каква било друга статусна промена на клубот.

За новата платформа денеска се разговараше на средба на градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски со претставници на раководството на ЖРК „Пелистер 2012“ и ракометарките.

Со оваа иницијатива, Општина Битола најавува дополнителна институционална поддршка за женскиот ракомет и за развојот на младите ракометарки, со цел спортот да добие уште поголема афирмација во градот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.