Битола по 15. пат ќе биде центар на театарот за деца – Се’ е подготвено за Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

15 години секој детски сон станува јаве.

Во традиционалниот термин од 3 до 7 август, Битола ќе биде центарот на театарот за деца во земјава и пошироко. Јубилејното 15. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ ќе се одржува на пет сцени во НУ Центар за култура – Битола и НУ Народен театар – Битола.

Во официјалната фестивалска програма од натпреварувачки карактер учествуваат седум театри од седум земји: Литванија, Романија, Словенија, Турција, Баскија, Србија и Црна Гора.

Најдобрата претстава ќе го добие фестивалското Гранд-при за најдобра претстава во целина, кое ќе го додели тричлено стручно жири, оваа година предводено од хрватскиот актер и режисер Ивица Шимиќ. Тој е основач на хрватскиот театар „Мала сцена“ од Загреб и поранешен генерален секретар на ASSITEJ – светската организација на детски театри.

Заедно со Шимиќ, за наградата ќе одлучуваат македонските театарски првенци: Ана Левајковиќ – Бошков, која минатата година одбележа 30 години на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, и Петар Горко, кој во 2024 година одбележа 35 години кариера на сцената на Битолскиот театар.

„Годинава, интересот за учество беше исклучителен – пристигнаа повеќе од 70 пријави од театри од над 30 земји ширум светот. Од нив селектиравме разновидна и висококвалитетна театарска продукција од седум држави, која на публиката ќе ѝ понуди богато и инспиративно фестивалско искуство.

Од Литванија ни доаѓа сензорна претстава наменета за најмладата публика, од Романија пристигнува сценска интерпретација на легендарната приказна за Дракула. Претставата од Црна Гора на креативен и топол начин зборува за тоа како да се соочиме со тремата.

Во програмата се вклучени и куклена претстава со автентична баскиска музика, како и емотивна приказна за „изумрените предмети“ на нашите родители. Театарот од Турција ќе им помогне на децата да ги препознаат и разберат своите чувства, додека словенечките гости ќе нè потсетат на безвременската вредност на другарството“, вели директорот на фестивалот Филип Етмишовски.

Фестивалот ќе го отвори, на 3 август, Театарската школа „Бабец“ со претставата „Како се станува цар“, а ќе се затвори на 7 август со новата премиера на Бабец театар – „Мајка (Magna Mater)“.

Во придружната програма, на 4 август, ќе настапи училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје, а на 5 и 6 август децата во Битола за првпат ќе гледаат јапонски Камишибаи претстави, и тоа вкупно шест.

„Битолино“ и ова фестивалско издание, покрај претставите, нуди и едукативна програма. Професорката Јованка Улиќ од Нови Сад, Србија, три дена заедно со децата ќе подготвува јапонски Камишибаи претстави. Најмалите битолчани ќе ги цртаат и пишуваат своите претстави, кои ќе бидат изведени пред доделувањето на фестивалското Гранд-при.

Јубилејното издание ќе понуди врвна уметничка програма за деца и ќе отвори важни теми за најмладите, со што „Битолино“ ја потврдува својата позиција како еден од најзначајните фестивали за детски театар во регионот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.