Компанијата Авто Контрол се вклучува во поддршката на превентивно-едукативната активност „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, насочена кон подигнување на свеста за безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот.
Активноста, која ја иницира Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, е наменета за учениците од прво одделение, со цел уште од најрана возраст да ги научат основните правила за безбедно движење и однесување во сообраќајот.
Во рамките на активноста, учениците се запознаваат со важноста на користењето на пешачките премини, правилното и безбедно преминување на улицата, почитувањето на сообраќајната сигнализација и внимателното учество во сообраќајот.
Посебен дел од активноста е доделувањето едукативни брошури од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), при што секое дете добива брошура со едукативна содржина што ќе му помогне полесно да ги усвои и запомни правилата за безбедност.
Авто Контрол ја препознава важноста на ваквите превентивни иницијативи и со својата поддршка придонесува кон градење побезбедна сообраќајна средина и развивање одговорни навики кај најмладите.
-Веруваме дека соработката меѓу институциите, училиштата и општествено одговорните компании е значаен чекор кон поголема безбедност на децата. Преку континуирана едукација и заедничка грижа можеме да придонесеме секое дете безбедно да стигнува до училиштето и да се враќа дома. Авто Контрол продолжува да ја поддржува сообраќајната едукација и превенцијата, затоа што безбедноста на децата е заедничка одговорност. Да ги заштитиме децата во сообраќајот – секој живот е важен – порачуваат од компанијата.





































