Одбележан Денот на ослободувањето на Прилеп – „3-ти Ноември“

Чествувањата по повод „3-ти Ноември“, Општина Прилеп ги започна изутрината со полагање свежи цвеќиња и оддавање почит пред споменикот на паднатите борци во месноста „Пејсобрдце“ каде пред 73 години се одиграла најжестоката битка за конечно ослободување на Прилеп.

Делегација од Општина Прилеп, делегација од Советот на Општина Прилеп, делегација од прилепската организација на Сојузот на борци, претставници од АРМ, политички партии и граѓани положија свежи цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, на бистите од народните херои во Алејата, пред споменикот „Жена борец“ и  Могилата на Непобедените.

Претседателот на боречката организација Круме Соколоски, во своето обраќање потсети на влогот на Прилеп во историското минато и денешната слобода.

„Прилеп со овој споменик,  Могила на непобедените, даде свој придонес во одбележувањата, но и споменот на сите народни херои и борци кои ги дадоа своите живот за слободата на Македонија. Не случајно првата пушка пукнала во Прилеп во 1941 година, не случајно Прилеп дал 15 народни херои со кои треба да се гордееме и не е случајно што Прилеп беше најреволуционерниот град. Доказ за сето ова е оваа Могила каде се наоѓаат моштите на многу наши борци. Со решенијата на АСНОМ 1944 година се оформи Македонија после многу векови на ропства и самопрогласени кралства. Ова празнување Градот Херој секогаш го одбележува и никогаш овие настани да не се заборават, младите да ја почитуваат историјата затоа што без минато нема сегашност и нема иднина“, рече Соколоски.

По повод празникот „3-ти Ноември“ градоначалникот на Прилеп Јованоски оствари средби со претставници на организацијата на борци и со поранешните градоначалници и претседатели на Прилеп, од осамостојувањето на Македонија до денеска.

Чествувањата продолжуваат вечер во 20 часот. На свечена седница на Советот на Општина Прилеп, во големата собраниска сала, на годинешните лауреати ќе им бидат врачените наградите „3-ти Ноември“.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.