Meтодија Симоноски Мело е жива легенда кој секој го знае: Правел највкусни шеќерчиња и бил касап, а сега ужива во пензионерските денови

Веќе 24 години ужива во пензијата. Методија Симоноски (80), кого го знаат по прекарот Мело, ем правел шеќерчиња, ем одгледувал говеда.

Има променето многу професии. Наследник е на мајсторите слаткари, Милош, Ниче, на Миле Биџо и татко му Јон, Ќурчија, Дуко, Просенче, на Каре. На Рампо бозаџијата. На главните слаткари од пред војната, кои се интегрирале и влегле во слаткарските работилници. Со шеќерчињата работи од 15 години во слаткарската задруга Кораб. Во 1954 почнал како чирак. И тоа во работилницата кај шеќерчињата. И татко му едно време бил шеќерџија кај мајсторот Рибаро, но брзо се откажал и тргнал по тутунопроизводството.

– Се правеа шеќерчина нанеа, ментол, колак шеќер, дропс бонбони, шарени бонбони, свилени бонбони. Се чуваа во тегли, додека да се продадат. Се правеа и алви, слатки, баклава, шеќерпаре, локум, тулумби. Шеќерчињата беа тешки за работа особено во зима, оти смесата од шеќер брзо се здрвуваше на мермерната плоча, па затоа понекогаш одоздола под плочата стававме жар, а после плин, се модернизиравме. Шеќер, вода и маја е основниот рецепт за шеќерчиња. Врие сето и се прави како карамела и се здрвува. Колак шеќер беа најтешки за правење, бидејќи смесата како тесто се удираше од кол. Тоа беше мачно. Од кафеав карамел да се добие бела боја. Потоа се тегнеше и смесата се оформуваше. За шарените, од истата смеса му стававме црвени ленти и идеа како шарени, се тегнеа и на преса се сечеа. Зимно време се здрвуваше смесата. Летно време беше полесно. Колак шеќер беше мента бела. Имаше со црвени, зелени и жолти ленти – се сеќава Методија.

Десетина години бил во работилницата. Работел и на локумот. Шеќерна болест не добил од работата со благото, само си ги ,,фрлил,, забите.

– Со мешалка се правеше локумот, вода и шеќер, мајсторите в рака скришум фрлаа лимонтус, дури да се направи смесата и потоа се оформуваше. Цел ден требаше да се меша на локумот. За едната доза два саати, за другата пак толку. Мачно. Си ги расипав забите, а шеќер не фатив. Правев тригони, грчка баклава, шампити – раскажува Симоноски.

Завршил уште десетина години работејќи во сите продавници низ градов, кај Милош, кај Сотка шнајдеро, кај Гимназијата, кај Корзото…

Повеќе години бил и касап. Не директно туку во набавката на говеда и свињи, приватно. Се занимавал 15 години на три локации. Почнал со Наум Грижо. Купувале и колеле на багрем и ги продавале бутовите од дома. Пресно месо сите барале. Ќе купеле едно, две јунчиња, ги колеле и ги продавале.

-Од дете сум мераклија за говеда, за стока. Дури до пред две години ги чував последните крави на Варош, во дворот, дома, а имав до пред неколку години и 20 говеда. Ми лежеше препродавањето на стоката, жива стока, говеда, свињи. Сум ја вртел цела Македонија, дури одевме и во Параќин, Србија со камионче. Добра стока имаше во Западна Македонија, кај Челопек, гостиварско, а свињи во Струмица, Куманово, Свети Николе… Стоката е профитабилна. Од 120-130 килограми теле, за 3-4 месеци се создава јунец од 400 – 500 килограми за месо и се вадат по 5-6 илјади евра чисти од јунец. Работа немаше многу за одгледување, 2-3 пати во денот се фрлаше храна, се чисти и тоа. Мирисаше, ама чистевме често. Фрлавме пилевина, за полесно да се исфрли и исчисти, оти упиваше. Имав и мала фарма в планина, неколку години одгледував стока за месо – вели Симоноски.

Пред една година ја продал и последната крава од која се изнапивал млеко по 2-3 литри дневно, свежо и квалитетно.

– Со стоката ми беше повеќе мерак. Поубаво, поинтересно. Месо пресно имаше. Во Ново Село кога ми исчезнаа свинчињата, си го знаеле патот и по 2-3 километри се вратија дома. Свињите се паметни, многу думаат. Ме интересираа животните. Касаплукот е тежок занает, ама сакав да се кашкам во калта со говедата – вели Методија Симоноски – Мело.

За двата занаети вели дека требало многу труд. Прилепчани го знаат како вредниот и итар варошанец кој сега пензионерските денови ги минува в чаршија, со кафе и мајтап муабет.

Извор: “Неделник Зенит”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.