Maнастирот со две цркви: Се наоѓа недалеку од Прилеп и е рајско место за одмор и уживање (Фото галерија)

На едно ритче, на 17 километри од Прилеп, подало “раце” кон небото манастирчето Свети Георгија кај селото Беловодица. Се закотвило на вакавско место од искона, познато како Црквица. И се сонило на некоја баба Бона да крене дом за молитва на верниците, за “молба” за здравје и бериќет до светецот Георгија и Бог.

Баба Бона од Беловодица ја “мачеле” светците да изгради храм за молитва. Според кажувањата на селаните, првото манастирче било преселено од местото Ливадиште, а во 1935 година баба Бона со помош на народот почнала градба на новиот божји дом. Три години ставала камен по камен, сложно и со чиста мисла. Молбите и солзите кои ги пролеала за грижа на манастирот допреле до селаните, но по нејзината смрт. Силната верба во Бог, во 1979 година, ги поттикнала жителите да подигнат уште една црква, поголема, веднаш до таа на баба Бона.

Двете цркви во манастирот пречекуваат со ширум отворени врати. Она што ќе оставиш, и свеќата, е дар за манастирчето.

Од црковниот одбор велат дека луѓето оставаат колку што имаат.

– Обичај е домаќинот на славата да остави колку може додека сите гости вклучувајќи го и свештеникот помагаме финансиски за пречек на гостите – потенцираат од одборот.

Зелениот килим, наросен и свеж со мирис на мискојна, крцка под нозете. Сé е на свое место. На средина мермерно фонтанче, а дивата круша ги раскрилила ветките на еден крај. Под неа дрвена маса и клупи за одмор на душата со прекрасна глетка на врвовите на околните планини. Во дворот од дрво направена е отворена куќичка т.н ладилник во која е можно релаксирање во пријатна атмосфера.

Околината е послана со даб. Белата река ита да се сплоти со Егејот преку Вардар. Во близината се растегнало езеро. Водата за пиење е од резервоарот под селото.

Чисти конаци

За манастирчето Свети Георгија се раскажувало дека даскалот, Бугарин, ја гаѓал со пушка плочата, нацртана со коњи ставена на манастирските двери. За брзо време синот му се разболел.

Селаните го запоставиле манастирот некое време. Почнале да му го враќаат “животот” околу 1980 година. Донеле струја, изградиле еден конак, опремен со нови постели и ќебиња, чаршави.

– Старото го предадовме во друг манастир. Сега има место за спиење на 40 души во седум чисти соби. Трпезаријата собира 200 души, кујната е опремена со сите нишани – велат од беловодичкиот манастир.

За проширување на манастирот придонес дадоа многудуши.

Празник на манастирот е 9 декември, во мај на Ѓурѓовден и Свети Илија кога е осветен манастирот. За слави доаѓаат и до 300 гости. Намерниците се привлечени од местото и за викенди, иако нема свети води. Убава им била околината и на планинарите.

Манастирот сосема се правел со помош на селаните. Тие сториле ниет и се убедени да кренат нова камбанарија.

Гром го удрил манастирот

Манастирот е обезбеден од молњи. Инсталирано е заземјување, зашто некогаш го погодил гром, правејќи дупка во ѕидот во конакот. После поставувањето на заштитата гром не го бие.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.