Во 2000-та година, согласно сите законски процедури базирани на законот за одбрана од 1992 година, член 51 и во рамки на јавна повеќестепена процедура врз основа на мислење на стручни лица од медицината, а заради мој здравствен абдоминален проблем со кој се уште се соочувам се регистрираше моја неможност за служење на воена обврска, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ дали приложил документ пред надлежните органи со кој потврдува дека е трајно неспособен или лажирал за да избегне служење воен рок.
– Не јас самиот, не моето семејство, туку непознати за мене лица во регрутните комисии констатирале таков факт. И тоа во 2000 година пред да се случи воениот конфликт и криза во 2001-та. Не сум ни првиот ни последниот случај базиран на објективна медицинска состојба. Јасно, гласно и целосно ја соопштував и ја соопштувам вистината, рече Ковачевски.
На прашање од Ковачки дали ќе се поништи огласот за професионални војници, министерката за одбрана Славјанка Петровска одговори оти нема потреба да има поништување, зашто во изминатиот перид во Армијата се покажало дека важат само професионалните стандарди.
– Огласот кој е објавен и заврши веќе за пријавување, ќе се спроведе согласно правилата и процедурите во Министерството, а пред се во Армијата, рече Петровска