дома блог страница 92

УЈП повторно на терен – казнети 66 фирми за неиздавање фискални сметки – Во Прилеп контролирани 7, казнети 3

Во периодот од 28 јули до 03 август 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.

Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8%, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет.

За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.

За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).

„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.

УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.

„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.

10-ти јубилеен турнир “Миле Нешкоски”, а Универзална сала во Прилеп се’ уште недостапна за спортистите

Од 21 до 24 август во Прилеп ќе се одржи десеттото јубилејно издание на Меѓународниот меморијален ракометен турнир, кој се одржува во чест на прилепската ракометна легенда, Миле Нешкоски.

Турнирот и оваа година за жал ќе се игра во училишна сала, затоа што Универзалната сала, или спортскиот храм на прилепчани, се’ уште не е ставен во функција, иако беше ветено дека недостатоците и безбедноста на едната трибина, ќе бидат решени во првите месеци од работата на новото Министерство за спорт.

Минатото лето, министерот за спорт, Борко Ристовски, веднаш по назначувањето го посети Прилеп и вети дека Универзалната сала ќе биде ставена во функција за неколку месеци…. Оттогаш помина цела година, а Универзална се’ уште чека враќање на спортистите…

Гостин на турнирот “Миле Нешкоски” оваа година ќе биде екипата на Црвена Ѕвезда, а учесници на турнирот покрај домаќинот РК Прилеп, ќе бидат уште екипите на: Бутел, Тиквеш, Пролет и Еурофарм Пелистер 2.

Инаку, Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.

При последната посета на Прилеп во март годинава, Ристовски изјави:

„За да прескокнеме некои административни чекори за јас ја побарам Спортската сала која што е сега под ПУИГ да дојде кај мене, па повторно да ја давам на користење на Компанијата која што е заинтересирана – „Комфи Ангел“…ние направивме едно решение со кои ги скративме постапките. А тоа е – обавив разговор со директорот на ПУИГ на кого му се кажани насоките од Министерството и од Владата што треба да направи и ги споивме. Мислам дека тие веќе имаа два состаноци на кои што сега веќе меѓу нив ги договараат работите. А тоа е, Компанијата „Комфи Ангел“, заради користење на подолг период, да ја исреконстриура целата спортска сала и да им ја даде на користење“.

Приведени двајца возачи во Битола – возеле препијани

На 06.08.2025 во 20:46 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Битола го лишиле од слобода С.Ф.(32) од Битола. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле возило „мерцедес” со битолски регистарски ознаки, кое го управувал С.Ф., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,84 промили алкохол во крвта.

На 07.08.2025 во 01:25 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Битола го лишиле од слобода Н.А.(41) од Франција. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле возило „мерцедес” со странски регистарски ознаки, кое го управувал Н.А., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,54 промили алкохол во крвта.

Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило”.

Уште образованието остана без Kолективен договор – еве кои потпишаа денеска и ќе добијат 20% повисоки плати

Министерството за социјална политика, демографија и млади и синдикатите на УПОЗ и СОНК потпишаа нов колективен договор со кој ќе се овозможи зголемување на платите на вработените во јавните установи за социјална заштита за 20 проценти, информира министерот Фатмир Лимани.

Тој на својата фејсбук страница пишува дека денеска со Синдикатот на УПОЗ и СОНК, го потпишале новиот Колективен договор кој, како што нагласува, им носи заслужено зголемување на платите на сите вработени – вклучувајќи ги и директорите – во системот на социјална заштита.

-Овој договор значи – подобрување на работните услови, зголемена правна сигурност, продлабочување на социјалниот дијалог, пишува Лимани на ФБ.

Ова, нагласува, е признание за трудот, посветеноста и хуманата мисија на сите вработени во системот на социјална заштита. Со мотивирани и вредни работници, потенцира министерот Лимани, нудиме квалитетни и достапни услуги за сите граѓани.

За одличен почеток на август! Викенд со стил на најпознатата тераса во Прилеп

Подгответе се за викенд исполнет со незаборавна атмосфера, одлична музика и многу позитивна енергија – само во Pub Club Terasa во Прилеп!

Овој викенд вe носиме на две вечери за паметење:

🗓 Петок, 08 август – музичка дружба со акустичниот дуо бенд Боби и Никола
🕘 Почеток од 21:00 часот

🗓 Сабота, 09 август – настап на живо со енергичните крушевчани од No Limit Band
🕘 Почеток од 21:00 часот

📍 Резервирајте навреме на: 070 304 967

Не пропуштајте викенд полн со ритам, забава на најдобрата тераса во градот!

Следете ја Pub Club Terasa и уживајте во летото!

Повеќе од заслужено за Иле! По повеќе од 10 години вработување во прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”

Прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” по повеќе од 10 години доби вработување на нов актер.

-Со голема радост и гордост го објавуваме официјалното вработување на актерот Илија Волчески како постојан член на ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп! Илија градеше улога по улога, оставајќи силен впечаток кај публиката и колегите. Од денес, тој е дел од нашиот театар и со срце и со документ. Добредојде дома, Илија – напишаа од театарот на социјалните мрежи.

Дечките од LOCKDOWN вечерва на Камена бина со трибјут на “ЗАНА”

Како дел од проектот “Од 0 до култура” вечерва на Камената бина на плоштадот “Александрија” во Прилеп, свој настап ќе имаат дечките од прилепскиот бенд LOCKDOWN со нивни трибјут на легендарната група “Зана”.

Lockdown е бенд,основан во 2020. Поставата е менувана многу пати, а за оваа сега се вели дека е најдобра, Нена Тодороска на микрофон, Кирил Младеноски на гитара, Михаил Грашкоски на тапани и Димитар Јованоски на клавијатури.

Млади, надежни, талентирани, препознатливи по своите акустични свирки на ex-yu музика, каде можете го слушнете и Здравко Чолиќ, Бјело Дугме,Зана итн. Некои овие хитови ќе ги вратат во младоста, а на некои ќе им бидат одлична можност за да ги слушнат во живо. Добар репертоар, пред се разновиден, кој ќе ве потсети на поголемиот дел на ex-yu хитови, од сите безвременски бендови.

Ве чекаме пред Камена бина, вечерва (07.08) со почеток од 21:00ч.

Битолска кардиологија доби големо засилување: Супспецијалистот кардиолог Др. Игор Спиркоски ќе значи многу за целиот регион

На 6 август 2012, за првпат профункционира салата за инванзивна и интервентна кардиологија во Клиничка Болница ,,Др. Трифун Пановски” – Битола — под раководство на др. Ненси Лозанче и медицинските сестри Валентина Гачевска и Светлана Тодоровска како посветен тим – што значеше нова ера во кардиолошката грижа во Битола и регионот.

-Денес, на истиот овој симболичен датум, со огромно задоволство најавуваме дека тимот на Отсекот на инванзивна и интервентна кардиологија се збогатува со уште еден член – др. Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог – кој заедно со постоечкиот тим составен од др. Ненси Лозанче, др. Емилиа Паришко, медицинските сестри Валентина Гачевска, Светлана Тодоровска и Семра Рустеми – ќе ги спојат искуството и визијата со нова енергија и експертиза – информираат од битолската болница.

• Др. Спироски има повеќе од две децении активно искуство во Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, со бројни успешни интервенции зад себе.

Неговиот придонес како шеф на сала и долгогодишен член на ангио тимот претставува значајна вредност што ја внесуваме во нашиот битолски колектив.

Како главен уредник на South East European Journal of Cardiology, др. Спироски не го запира своето влијание – туку го проширува и во науката и иднината на медицината.

• Ова придружување значи нов импулс во работата на тимот – кој е насочен кон постојано унапредување на здравствените услуги и квалитетна услуга за пациентите.

-Зад секој медицински успех стои тим. Денес нашиот тим е побогат за уште една вредна алка – стои во соопштението од ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола

Прилепчанец го спаси странскиот параглајдерист кој висеше повреден на 30-метарско дрво во Крушево (ВИДЕО)

Доцна попладнево, кај Крушево се одвиваше драматична спасувачка акција, откако странски државјанин што летал со параглајдер завршил закачен на дрво високо над 30 метри. Несреќата се случила по удар во дрвото, при што параглајдеристот се здобил со повреди и останал да виси на голема висина, немоќен сам да се ослободи.

По добиената дојава од полициската станица во Крушево, беше алармиран специјализираниот тим за спасување на планина при Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи локалните служби не успеале да интервенираат поради комплексноста на теренот и висината.

И покрај силниот ветер и тешките услови за работа во текот на ноќта, спасувачкиот тим успеа безбедно да го симне повредениот параглајдерист. Според првичните информации, тој нема сериозни повреди и е пренесен на лекарски преглед.

Оваа акција е уште еден доказ за професионалноста и подготвеноста на македонските спасувачки тимови за дејствување во екстремни услови и навремено реагирање кога е загрозен човечки живот.

Параглајдеристот беше спасен од прилепчанецот Дарко Неданоски, кој е дел од тимот на Дирекцијата за спасување на планина.

Еве како изгледаше спасувачката акција:

Владата донесе одлука! Цените на училишниот прибор ќе бидат со цени од 1. јуни

Министерката Весна Јаневска изјави дека Владата донела одлука цените на училишниот прибор да останат на нивото од 1 јуни годинава, со што се обезбедува поевтина „училишна кошничка“ за сите семејства.

Ова, како што рече Јаневска вечерва во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5 ТВ, значи дека родителите ќе плаќаат околу 10 проценти помалку од актуелните цени за ранци, боички, фломастери, тетратки и друг потребен прибор.

-Вчера донесовме одлука за училишната кошница и еве ги информирам родителите дека ќе бидат цените кои важеле на 1 јуни годинава. Тие цени ќе бидат за целиот училишен прибор, почнувајќи од ранци, боички, фломастери, тертатки, сѐ што е потребно за едно дете да тргне на училиште е опфатено со оваа мерка и веќе е донесено. На 1 септември ќе биде цената што била на 1 јуни, тоа сигурно е 10 проценти помалку од денешните цени, рече министерката во гостување на Канал 5 Телевизија.

Пред два дена премиерот Мицкоски најави дека Владата пред септември ќе воведе таканаречена „Училишна кошничка“ со која ќе се опфати училишниот прибор. Тој во понеделникот рече дека се разгледуваат и неколку концепти за цените во маркетите, како и законските можности да се санкционираат оние субјекти кои во изминатиот период драстично ги зголемиме цените.