дома блог страница 76

Честит именден: Јордан, Богдан, Бојан, Богдана, Данчо, Данка, Даница…

Водици или Богојавление е денот во кој Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, според христијанското предание.

Со овој голем празник се заокружуваат дванаесетте т.н. „некрстени денови“, како и циклусот на зимски празници поврзани со Бадник, Божиќ и Нова година (Василица).

Водици по правило се празнува два дена. Првиот ден е 19 јануари, кој покрај Богојавление уште се нарекува и Војордание и Машки Водици. Вториот ден пак е следниот, 20 јануари, наречен Женски Водици.

На првиот ден од празникот во коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Традиционално во Македонија во многу населени места, свештениците го фрлаат крстот во некоја поголема вода – базен, река, езеро, а луѓето скокаат во водата во обид да го фатат крстот. Се верува дека оној што ќе успее да го фати крстот ќе биде среќен во текот на целата година.

Овој свет ритуал го симболизира влегувањето на синот божји во реката Јордан.

Според преданието, Водици е денот кога водите стануваат лековити. Токму затоа многумина си земаат од испеаната (светена) вода за дома, или пак му приоѓаат на попот да ги попрска со истата за среќа, здравје и бериќет.

На денешниот ден, именден празнуваат: Богдан, Бојан, Богомил, Богдана, Данчо, Данка, Даница, Јордан, Јорданка…

„Бог се јави“: Православните верници денеска празнуваат Богојавление – Водици

Денеска е Богојавление (Водици).

Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.

Поврзаноста на празниците Рождество Христово и Богојавление е воочлива во самата содржина на богослужбените песни. Во стихирите на празникот Рождество Христово наоѓаме мисли и изрази кои се однесуваат на празникот Богојавление, а во Богојавленската служба изрази кои се однесуваат на Рождеството. Тоа се оправдува со фактот дека во почетокот на 6 / 19 јануари се славел еден колективен празник (επιφὰνεια, ϑεοφὰνεια = Богојавление), кој соединувал повеќе настани од Христовиот живот на земјата, односно се празнувало општото Божјо јавување на земјата. Подоцна кога од празникот на 6 јануари се издвоиле останатите спомени (како на пример Рождеството Христово), главниот спомен кој останал да се празнува на овој ден било Крштението на Господ Исус Христос на реката Јордан.

Во историјата на празникот Богојавление можеме да следиме три периоди: првиот е периодот на III век кога Богојавлението е главниот настан кој се празнува на 6 јануари, но е поврзан со повеќе настани од Божјото јавување на земјата; потоа вториот период е IV век, кога Рождеството Христово станува центар на празнувањата во овој ден; и третиот период е крајот од IV век и подоцна, кога споменот на Рождеството Христово се издвојува од Богојавлението.

Празникот Богојавление се нарекува така зашто во мигот на Крштението Христово „се покажа поклонувањето на Света Троица“. Отецот зборуваше од небото за Синот Кој се крштева, Синот Божји се крштеваше од св. Јован и како таков беше посведочен од Бога Отецот, а Светиот Дух Кој слезе во вид на гулаб го потврди гласот на Отецот. Уште се нарекува и „Просвештение“, зашто во древноста во навечерието на празникот, по примерот на Христа се крштевале и со Божјата благодат се просветлувале огласените.

Овој празник започнал да се слави на Истокот уште во III век и тоа особено во Египет. Првото сведоштво за него го наоѓаме кај св. Климент Александриски (215 г.), во неговото дело „Стромата“, каде што вели дека следбениците на гностичкиот еретик Василид уште пред православните започнале да го слават овој празник. Имено, за нив овој празник имал големо значење – нивното учење вели дека Христос бил само обичен човек, а станал Син Божји во мигот на Неговото Крштение. Православните, пак, спротивставувајќи му се на ваквото погрешно учење на гностиците, го востановиле овој празник објавувајќи ја преку него особено силната и длабока смисла на Божјото јавување. До почетокот на IV век Богојавлението веќе се славело насекаде. Неговата самостојност започнува на Истокот, од каде што подоцна е пренесен на Запад.

Според главниот спомен на Богојавление – Крштението Христово, во древноста, во навечерието на празникот се извршувало осветување на водите за крштение и биле крштевани огласените. Исто така особено значајна е традицијата на големото торжество на реката Јордан, во која на полноќ многумина влегувале во водата да се искапат, а ова капење ги очистувало телесните и духовните рани. Според Уставот, во навечерието на празникот и на самиот негов ден се врши осветување на водите. Стихири за богослужбата на овој празник имаме од: Јован монах, Визант, Козма монах, Анатолиј, Патријархот Герман, а каноните ги напишале св. Јован Дамаскин и св. Козма Мајумски.

Специфично за празникот е и тоа што во древноста, Александриските епископи според одредбите на Првиот вселенски собор, секоја година за Богојавление ги испраќале и своите посланија до старешините на црквите во кои бил објавуван датумот на празникот Воскресение за таа година. Старешините потоа им го објавувале тој датум на верните. Тоа го практикувале зашто токму во Александрија цветала астрономската наука. Така, Црквата зачувала многу пасхални посланија од Александриските епископи, меѓу кои се и оние на светите Теофил, Дионисиј, Атанасиј и Кирил Александриски.

Смислата на празникот Богојавление

Христос „на секому му ја даде можноста да ја стекне благодатта на синовството, да го стекне Богојавлението во својот личен живот. Тоа јавување Божјо го сочинува богопознанието, а бидејќи тоа е егзистенцијално собитие, затоа и го предизвикува спасението“ (Јеротеј Влахос).

Собитието на создавањето е едно чудесно таинство во кое Троичниот Бог се јави и го повика човекот од небитие во битие, го создаде според образот на Словото, вдахнувајќи во него живот преку Светиот Дух. Човекот живееше во благодатно заедничарење со Бога, за него небесата беа отворени и од таму тој го слушаше гласот на својот Создател, разговараше со Него сѐ до мигот кога заради неговата непослушност тој ја изгуби благодатта и заедницата со Бога. Како последица на тоа небото се затвори за сиот човечки род, кој сега веќе не можеше да преуспева во духовниот живот, ниту да бива поткрепуван и просветлуван од Божествената благодат. И живеејќи без Бога, валкајќи се, потопувајќи се во нечистата и матна вода на гревот човекот достигна страдање, кое, пак, за своја последица го имаше целосното деформирање на неговата личност.

Но, Божјата љубов и сострадание кон родот човечки е толку голема, што Бог Отецот Го испрати Синот Свој, чиешто доаѓање на земјата имаше за цел да му ја објави на човекот предвечната Божја промисла за него, според која тој е создаден по образ и подобие на Христа, Словото Божјо. И еве, Крштението Христово ни покажува дека Он дојде при нас, го зеде нашиот образ, за да го очисти, просветли и облагодати за ние полесно да дојдеме до Него. Он е Новиот Адам Кој сега повторно го отвора небото, од каде гласот на Отецот ја покажа, ја објави обожената човечка природа примена од Христа. Јавувањето, пак, на Светиот Дух во вид на незлобив и кроток гулаб, го објави крајот на потопот од гревот и почетокот на несфатливата милост Божја кон нас луѓето. И сето ова Бог го направи за да можеме ние повторно да се искачуваме кон Бога и да стекнеме заедница со Него.

Така, значи Пресвета Троица учествуваше во создавањето на човекот и ете, сега повторно Пресвета Троица учествува во неговото пресоздавање. И тоа покажува една голема богословска тајна: дека единствено човекот, кој е создаден според образот Христов, може да биде посветеник и поклоник на Пресвета Троица. Затоа Црквата овој ден го нарекува и празник на пресоздавањето на човекот, почеток на неговото обожување.

Богојавлението, пак, за нас почнува во крштелниот купел, кој е духовна утроба што нѐ преродува за еден висококвалитетен и достоинствен живот. Ние во крштението се очистуваме, ја отстрануваме Адамовата нечистотија, го измиваме нашиот внатрешен човек. Ја примаме благодатта Божја, го примаме залогот на Духот, но го примаме со можност да се усовршуваме. Според тоа, кога човекот прави гревови, тој ја валка веќе очистената и измиена негова природа. Тогаш благодатта се повлекува од него и тој духовно умира зашто ја губи својата заедница со Бога и можноста што ја примил на крштението. „Секако благодатта не се губи целосно, но во овој случај таа не го врши спасението“ (Ј. Влахос).

Сепак радоста на празникот Богојавление е токму во верата дека сѐ може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди. А тоа се случува во мигот кога ние суштински ќе се доближиме до празникот и ќе сфатиме дека очистувајќи се повторно ќе ја привлечеме благодатта Божја во нашиот живот. Колку и да сме извалкани, помрачени и со своите гревови оддалечени од Бога, сепак, во нас не згаснала надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото. Тогаш кога ќе одлучиме да живееме во совршена послушност кон Бога, исполнувајќи ја Неговата најголема заповед за љубов кон ближните, тогаш и небото на нашиот внатрешен живот постојано ќе биде отворено и ние слободно ќе разговараме со Бога, Чијашто светлина ќе го озарува целокупното наше битие.

Еве зошто 2% доверба кај народот: Пронајдени соѕидани 350.000 евра во дом на судија

Пронајдени се 350.000 евра соѕидани во дом на родители на судија од Апелациски суд во Скопје осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот, информираше вечерва Јавното обвинителство, посочувајќи дека се работи за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во државава поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.

Како што соопшти Обвинителството, во рамки на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември бил осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземале дејствија што резултирале со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание.

– Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката, се вели во соопштението.

Оттаму потенцираат дека станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава досега, која, посочуваат, е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.

– Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал, информира Јавното обвинителство.

За случајот информира и Министерството за внатрешни работи, од каде наведуават дека полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК а врз основа на издадена Наредба од судија на претходна постапка извршиле претрес на дом и други простории на подрачје на Неготино, заради пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од сторени Кривични дела.

-При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Денешното постапување е како резултат на дејствија преземени во рамките на опсежната истрага на ОЈО ГОКК откако на 14 декември 2025 беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание. Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката, се вели во соопштението.

Лазаров: Честитки за одиграното на нашите ракометари, играа против полуфиналистот од Светското првенство

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, сосема очекувано беше презадоволен од она што денеска Македонија го одигра против Португалија во рамките од воторот коло на Европскиот шампионат. Ремито од 29:29, секако дека боли иако ни донесе бод, со оглед на фактот дека можеби имавме шанса и за победа.

„Не знам дали смеам да кажам нешто што ми е на душа. Затоа што има многу. Мора да бидеме претпазливи да не навредиме некого. Доволно кажав. И пред првенството кажав дека сме ние мала земја, многу деградирана и дека не е лесно да играме против вакви силни селекции. Ова не е алиби, видовте и сами дека тоа е така. Така ќе биде и во иднина. Да се бориме против вакви работи.Јавноста сака спорт, сака ракомет“ – рече селекторот па продолжи.

„Не’ поддржуваат. Сакам да честитам на моите играчи што направија денес со полуфиналистот на Мундијалот. Со селекција која што без задршка кажа дека оди на медал. Голема работа направивме. Уште ако се знае дека ги загубивме двете крила, и нај искусниот играч. Кој што многу пати помогнал. Беше тешко затоа што сите концепти се растурија, настана хаос. При крајот на првиот дел. Пробавме да средиме тоа на полувреме. Не почнавме како што треба, но за среќа успеавме да стигнеме до позитивен резултат. Околу математиките, верувајте дека пред мечот со Данска, реков дека треба да се бориме за секој гол против Данска, зошто гол разликата е важна.”, додаде Лазаров

„Загубивме многу енергија емоции, нашата крв е врела крв македонска крв. И треба да се смириме. Утре нема да тренираме, ќе одмориме, ќе преспиеме. Ќе видиме како е ситуација6а со нашите леви крила. Да видиме што ќе ни треба за тоа трето место. Не зависи се од нас. Треба да го подготвиме мечот. Прво и основно треба да победиме. Нема да е лесно, безобразно е да се каже треба да победиме. Романија е тоа. Кажа противникот дека нивниот таргет е токму Македонија. И дека се спремни да одат во војна против нас. Очекувајте фајтерски дуел“ – поентираше нашиот кормилар.

БРАВО МОМЦИ! Maкедонија одигра ХЕРОЈСКИ натпревар против Португалија!

Нерешени 29:29 на дуелот на македонските ракометари против Португалија во дуелот од второто коло. Ова е првиот бод за нашите ракометари во групата.

Македонските ракометари имаа два гола негатива по првиот дел од вториот натпревар на Европското првенство против Португалија – 13:15.

Натпреварот во првиот дел беше дури 11 пати со нерешен резултат, а кон средината на полувремето македонските ракометари поради 3 исклучувања имаа 6 минути играч помалку. Никола Маркоски доби и црвен картон во 15. минута.

Во неколку наврати Португалија во напад играше и „7 на 6“.

Почетокот на вториот дел беше во знакот на Португалија која поведе и со 18:13, а по тајм аутот на Лазаров македонските ракометари намалија на два негатива (20:22). Водството на противникот повторно се зголеми, но македонските ракометари не се предаваа и постојано вршеа притисок на противникот и ја намалуваа предноста на Португалија. Со голот на Серафимов во 55. минута прв пат изедначивме во вториот дел.

До крајот се играше гол за гол, а последниот напад на Португалија траеше премногу долго. Во тие моменти голманот Мартин Томовски имаше две одбрани за конечни 29:29.

Кузмановски со 15 голови беше најефикасен на натпреварот. Во вторник противник за македонските ракометари е селекцијата на Романија.

Прилепчанка ќе пее за Водици во Охрид

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати покана до сите граѓани за Богојавленските празници да го посетат Балканскиот Ерусалим.

Охрид во наредните два дена ќе биде центар на Балканот. Утре за Водици, по централната манифестација и осветувањето на водите на Охридското Езеро, свој настап ќе има прилепчанката Елена Велевска, а потоа и Елена Андоновска.

Почетокот на музичкиот дел од празнувањето е од 12 часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“.

Во вторник, 20.01. – Денот на рибарите – Св. Јован Крстител, концерт на „Охридски музички еснаф”со почеток од 12:00 часот во месноста „Сараиште“.

За многу години!

28-годишен битолчанец уапсен во казино, откако претходно ја претепал својата баба

-На 17.01.2026 во 19:00 часот во казино лоцирано на ул. „Партизанска” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Т.Р. (28) од Битола поради сомнение дека физички ја нападнал неговата 79-годишна баба во семејниот дом во Битола, при што и нанел тешки телесни повреди. Од страна на екипа на Итна медицинска помош Битола, повредената била пренесена во Клиничка болница Битола. Во координација со јавен обвинител, против Т.Р. ќе биде поднесена кривична пријава по член 123 во врска со член 19 од КЗ – информираат од СВР Битола.

Не им иде умот! Прилепчанец возел пијан низ град, ќе заработи кривична пријава

-На 18 01.2026 во 01:00 часот на ул.„Александар Македонски” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Ј.С. од Прилеп. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „фиат” со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ј.С., при што било констатирано дека тој го управувал возилото под дејство на алкохол, односно измерени му биле 1,69 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на случаjoт ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“ – информираат од МВР.

Езерцето замрзнато, организаторите чистат и уредуваат – Огромен интерес кај верниците за Водици да присуствуваат на Плетварското езерце (ФОТО)

ФОТО/ВИДЕО/ФБ/Gin Da

Од година во година расте интересот кај прилепчани, како и кај верници од други градови, празникот Богојавление – Водици да го одбележат со влегување во водите на Плетварското Езеро кај Прилеп. Оваа година е регистриран најголем број пријавени верници – мажи, жени и деца – кои ќе влезат во осветената вода и ќе бидат дел од едно поинакво одбележување на големиот христијански празник.

Богојавление, познато и како Водици, е еден од најзначајните христијански православни празници. Со него се одбележува крштевањето на Исус Христос во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кога за првпат се јавила Светата Троица – Синот во водата, Светиот Дух во облик на гулаб и гласот на Бог Отецот од небото. Празникот симболизира прочистување, обновување и духовно раѓање.

„Ги покануваме сите христијански верници да бидат дел од осветувањето на водите на Плетварското Езеро. Сите учесници кои ќе влегуваат во езерото да го користат патот од селото Плетвар, а за излез патот преку Ореовец, со цел да се избегнат непотребни гужви и застои“, истакна еден од организаторите, Антонио Гически.

Организаторите деновиве го средуваа просторот, се чистеше и се рамнеше теренот, за се да биде подготвени за неколку стотиците верници кои се очекуваат да го посетат Плетварското езерце за Водици.

Манифестацијата ќе започне во 10:45 часот со осветување на малиот параклис, изработен од кумовите на настанот. Идејата за овој духовен чин потекнува од минатогодишните кумови – семејството Минчески и семејството Најдоски.

Во 11:00 часот ќе следува осветувањето на водите на Плетварското Езеро, по што верниците ќе влезат во осветената вода како дел од празничниот обред.

За сите учесници се обезбедени дрвени крвчиња како симболичен подарок и спомен на нивното духовно раѓање. Топлите напитоци и малите шишенца со света вода, како и секоја година, ќе бидат неизоставен дел од оваа манифестација.

Maкедонија денеска на мегдан со Португалија – победа со сигурност ќе ни ги отвори вратите од втората фаза

По стартниот и очекуван пораз од фаворитот Данска, македонската ракометна репрезентација попладнево го игра вториот натпревар од Европското првенство. Противник ни е Португалија, репрезентација која во првото коло ја совлада Романија. Фаворитската улога ја има Португалија која на последните големи натпреварувања постигнува добри резултати, а на последниот европски шампионат беше пласирана на седмото место, додека во 2020 година го освои шестото место што е нивни најдобар резултат на првенствата.

И за двете репрезентации ова е деветто европско првенство, а македонската најдобриот пласман во постигна 2012 година со освојувањето на петтото место.

– Ќе се потрудиме да одиграме подобро од првиот натпревар и секако да им го „расипеме“ планот дека ќе се борат за медал, изјави селекторот Кирил Лазаров.

Овие две репрезентации имаат одиграно десет меѓусебни дуели и сите во квалификации за Европско првенство, а ова ќе биде прв натпревар на големо натпреварување. Последните два натпревара ги доби Португалија кои беа одиграни во март 2023 година. Но, македонските ракометари имаат остварено триумфи против Португалија, кои значеле и пласман на големи натпреварувања, а елиминација на противникот.

Се очекува и на денешниот натпревар македонските навивачи да бидат поддршка за македонскиот национален тим.

Натпреварот во Хернинг почнува во 18 часот.