дома блог страница 157

Во Казнено-поправниот дом Прилеп започна жетвата на 160 декари јачмен

Во Казнено-поправниот дом Прилеп денес започна жетвата на 160 декари посеани со јачмен, како дел од планираните земјоделски активности на установата, објави Управа за извршување на санкции.

Во жетвените работи активно се вклучени и поголем број осудени лица, со што се поттикнува нивна ресоцијализација преку ангажман, стекнување на работни навики и чувство на одговорност.

Производството на јачмен е насочено кон обезбедување храна за сточниот фонд во установата, што придонесува за поголема самостојност и функционалност на интерните капацитети.

-Овие активности се дел од континуираните напори за ефикасно користење на расположливото обработливо земјиште и подобрување на условите за осудените лица преку продуктивен труд, соопшти Управа за извршување на санкции.

Приведен 28-годишник од Крушево – возел со речиси 2 промили алкохол

На 02.07.2025 во 00.45 часот на ул „Битолска” во Демир Хисар, полициски службеници од ОВР Демир Хисар го лишиле од слобода Д.Ц.(28) од Крушево. При сообраќајна контрола, полициските службеници констатирале дека Д.Ц. управувал патничко моторно возило „мерцедес” со крушевски регистарски ознаки под дејство на алкохол , односно му биле измерени 1,94 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против Д.Ц. ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик-„безобѕирно управување со моторно возило”.

Се претставувала дека работи во МВР и ќе го вработи син му: Битолчанка заработи кривична пријава

-СВР Битола до Основното јавно oбвинителство Битола поднесе кривична пријава против М.Л.(43) од Битола поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „измама” по чл.247 од КЗ.

Имено, пријавената во временскиот период од 15.09.2024 до 15.04.2025, со намера да прибави противправна имотна корист, довела во заблуда 64-годишно лице од Битола односно лажно му се претставила дека е вработена во МВР и дека ќе му помогне неговиот син да се вработи во МВР, како и за други постапки.

Оштетениот во повеќе наврати и исплатил пари во вкупен износ од 22 500 евра – информираат од СВР Битола.

Aктерот Здравко Стојмиров од Битола, освои награда за Најдобар актер на 21. Издание на Фестивалот на монодрама во Албанија

На 21-то издание на Меѓународниот фестивал на монодрама „АЛБА МОНО“ кое оваа година е се одржуваше од 23. до 30. јуни во Поградец, Албанија, актерот Здравко Стојмиров ја освои наградата за најдобар актер.

Имено тој ја изведе претставата Фетишист, по Мишел Турние, а во негова режија, во продукција на Битолскиот театар.

Интернационалното жири беше составено од Азура Де Грегорио, Ана Мариани и Клајди Малелари.

Останатите награди отидоа кај: за најдобра актерка беше прогласена Данијела Поповиќ – „Театар 86“ Њујорк – САД, најдобар режисер – Димитрис Карацијас – Vault Theatre Plus, Атина – Грција.

ГРАН ПРИ доби претставата „Димитер Оргочка“ – Проект на Палина Дабраволскаја, Белорусија/Полска.

Претставата Фетишист има за цел да ни ја претстави извртената реалност на еден живот што бивајќи свртен наопаку, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност- ни ја прикажува единствената можност за постоење на еден човек, кој иако изгубен во реалноста, одлично живее во својот замислен свет и успева да најде задоволство во живеењето, каде самиот се обидува да ја создаде својата среќа и покрај сите непријатности кои го следат. Ова е апсурдна приказна за еден, не баш обичен човек кој се обидува да се справи со сите предизвици низ неговиот – не така прост и едноставен живот, полн со мрачни нагони и неочекувани задоволства и ни ја прикажува неговата немоќ пред таканаречената судбина, како нешто кое не секој го поседува и потешкотиите во животот на оние кои ја поседуваат. Овој трагикомичен лик кој уште од почеток е осуден на неуспех, не води низ неговата длабока фантазија, за која може да се каже дека би создала еден прекрасен живот, доколку самата судбина не би била замешана во него како една конечна и непроменлива константа во сите можни варијанти на постоење. Музиката за претставата ја направи Пеце Трајковски Брада. Оваа претстава беше изведена на јубилејното 25. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Меѓу 73.000 учесници од 30 земји го освоија второто место: Наградени учениците од Прилеп кои донесоа голем успех од “Европскиот квиз на парите” (ФОТО)

На годинешниот “Европски квиз за парите”, на кој се натпреваруваат ученици на возраст од 12 до 15 годин, второто место го освоија македонските ученици Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска. Тимот од Италија го освои првото место, додека третото место и’ припадна на Шведска.

Второ место меѓу тимови од 30 држави, меѓу 73 илјади натпреварувачи е многу високо достигнување и потврда дека Македонија има талентирани и едуцирани деца кои одлично ги познаваат економските процеси, знаат да планираат буџет и да управуваат со пари и финансиски ризизи, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на доделувањето на наградите на ученичкиот тим кој ја претстави Македонија на Европскиот квиз на пари 2025 година, што го организира Европската банкарска федерација.

„Министерството за образование и наука се заложува да ја подигне финансиската писменост меѓу сите млади. Важно е и затоа ќе започнеме посериозна соработка со финансиските институции како Народната банка, Македонската банкарска асоцијација и Комисијата за хартии од вредност и заеднички ќе го обликуваме моделот преку кој уште поефективно, финансиски ќе ги едуцираме новите генерации“, рече Јаневска.

Информираше дека државата ги зголеми средствата за поддршка на талентираните ученици, за да може без било какви грижи, во иднина да учествуваат на големи меѓународни натпревари и олимпијади.

„Првенствено заради вас, заслужувате поддршка во градењето на талентот. Но и да му покажеме на светот дека и оваа земја има извонредни деца кои се подготвени да управуваат со општествените процеси и да учествуваат во креирањето и насочувањето на глобалните текови и трендови“, додаде министерката.

Изрази благодарност до Македонската банкарска асоцијација што го организира националниот квиз за пари и порача активноста да продолжи и во иднина, заоа што го стимулира натпреварувачкиот дух на младите и придонесува во градење на финансиски писмени и одговорни генерации.

Претставници од Македонија второто место освоија и во 2019 и 2020 година, а во 2024 година беа третонаградени.

Лекар му давал помош во казино, а тој го нападнал, потоа нападнал и полицајци – Предложен притвор за млад битолчанец

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило дело – Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење здравствена дејност предвидено во член 304-г од Законот за здравствена заштита, како и кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 од Кривичниот законик.

На 29 јуни, во казино во Битола, осомничениот најпрво нападнал доктор од итната медицинска служба кој му давал лекарска помош. Го удрил со тупаница и му нанел телесна повреда. По укажувањето на медицинската помош, осомничениот бил пренесен во ЈЗУ Клиничка болница – Битола каде исто така давал активен отпор да биде третиран, па била повикана и полициска асистенција. Кога пристигнале двајцата полициски службеници, осомничениот 28-годишник и нив ги нападнал, ги удирал повеќе пати и им се заканувал.

Ценејќи дека се исполнети законските основи – опасност од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Од денес започнуваат чествувањата на охридскиот чудотворец, Св.Наум

Свети Наум Охридски Чудотворец (мак. Свети Наум Охридски Чудотворец) (околу 830 година – манастир Св. Наум, брег на Охридското Езеро, 23 декември 910 година) е христијански светител. Тој бил познат како учител и организатор на црковниот живот, образованието и културата.

Бил соработник на св. Климент Охридски. И двајцата биле ученици на Св. Кирил и Методиј.

Тој е еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде што учителствувал од 886 до 893 година. Предавал и во Охридската книжевна школа.

Клемент и Наум отидоа во Охрид за да го просветлат тамошниот полк, но и учениците кои дојдоа од другите краишта на средновековна Македонија и Бугарија и други области.

Во Охрид го основаа првиот Сесловенски универзитет каде студираа околу 3.000 студенти, црковните книги напишани во Охрид се наоѓаат во сите православни библиотеки, овие книги беа напишани на кирилица и беа основа на православното христијанство. Климент и Наум основале и изградиле многу цркви и манастири, во Охрид Климент изградил катедрала на Плаошник, а Наум манастир на најубавиот дел од Охридското Езеро, на просторот каде што се изворите на Охридското Езеро. Вториот го изградил при крајот на својот живот во 895 година, основал манастир на брегот на Охридското Езеро. Последните години од животот ги поминал во истиот манастир и таму бил погребан во 910 година.

Откако умреле, народот ги прогласил за светци. Свети Климент Охридски е патронот на Охрид и на денешните Македонци и Бугари, а Свети Наум е Чудотворец Охридски, светец кој имал исцелителна, чудотворна моќ.

Нему му се припишуваат делата Канон за апостол Андреј и Канон за пренесување на силата на св. Јован Златоуст.

Неговиот спомен е на ден 20 јуни според Грегоријанскиот календар (и во Римокатоличката црква), а ако се пресметува според јулијанскиот календар тогаш се паѓа на 3 јули. Вториот ден што се слави е 23 декември според Грегоријанскиот календар, а ако се пресметува според јулијанскиот календар, тогаш се паѓа на 5 јануари.

Цела Пелагонија ќе биде на едно место! На Иванден во преубавиот манастир Св. Јован Крстител во село Беранци

Беранци е поголемо село сместено помеѓу планинската падина на Древеник на запад и рамнината Пелагонија на исток. Околни села се: Долно Српци, Вашарејца и Могила.

Беранци е македонско село, а за тие што не знаат, над селото се наоѓа преубавиот манастир Свети Јован Крстител, или познат како Беранечки манастир. Манастирската црква, која е осветена на 2 август 1879 година, е прекрасно светилиште кое во изминатите години собира голем број верници и гости, а еден од деновите кога тука е највесело, е празникот кога слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов – Иванден.

И оваа година портите на храмот ќе бидат отворени за сите верници и добронамерници. По повод празникот на 06.06.2025 ќе се одржи вечерната служба, а после службата гостите ќе ги забавуваат Оркестар Маестрал и естрадниот пејач Благоја Грујовски.

На 07.07. на сам ден Иванден, по утринската богослужба ќе следува уште едно дружење со овие музички имиња и секако посен празничен ручек.

Од црковниот одбор упатуваат покана до сите кои сакаат да го посетат прекрасниот манастир да дојдат за Иванден, да запалат свеќа и да се помолат за своето и здравјето на своите најблиски.

Потег за секаква пофалба! Отворена Школа за трудници во прилепската болница – ќе можат да бидат вклучени и идните татковци

Во Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност “Борка Талески” – Прилеп, oтворена е првата ШКОЛА ЗА ТРУДНИЦИ.

Станува збор за простор каде идните мајки и татковци ќе добијат поддршка, знаење и охрабрување на секој чекор од патот до родителството.

-Искрено им благодариме на нашите пријатели и поддржувачи: Vitabiotics, ProMedika, подмладокот на Rotary Club, Euroglass и други, кои со својата несебична помош придонесоа оваа идеја да стане реалност. Нивната поддршка ни овозможи да создадеме топол и пријателски простор за сите идни родители. Со нас – чекор по чекор, кон сигурно, информирано и спокојно родителство. Ве очекуваме со отворено срце – напиша на социјалните мрежи Д-р Билјана Кржеска, началник на Одделението за гинекологија и акушерство.

Школата за трудници нуди:

-Стручни предавања од акушерки, гинеколози и психолог,

-Вежби за релаксација и справување со страв од породување,

-Техники за доење и нега на новороденче,

-Лесни физички вежби прилагодени за трудници,

-Вклучување на идните татковци и заедничка поддршка на паровите

Од нас честитки за раководството на болницата, ова е уште еден одличен потег кој заслужува секаква пофалба!

Во Битола се одржа 4.издание на “Креативeн Ден” – настан посветен на младите таленти во модата, текстилот и визуелната култура (ФОТО)

Во Битолскиот театар се одржа 4.издание на Креативниот Ден 2025 – настан посветен на младите таленти во модата, текстилот и визуелната култура. Овој веќе препознатлив образовно-креативен проект уште еднаш ја потврди својата мисија: да создаде мост помеѓу образованието, индустријата и јавноста.

Настанот понуди модна ревија со оригинални креации на ученици, креативни перформанси, поткаст воден од средношколци, едукативна работилница со ВИП гостите – модни дизајнери, кои добија и Благодарници на крајот од настанот. Присуствуваа индустриски професионалци, спонзори и медиуми, а настанот беше поддржан од локални и национални партнери.

Публиката имаше можност да го види најдоброто од младинската креативност.

„Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, која годинава одбележува 20 години работа, а на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола.

„Ова не е само настан. Ова е движење. Со поглед кон иднината, Креативен Ден се развива во национална платформа за младинска мода, одржливост и креативно учење. Следат нови проекти: етички моден бренд со млади дизајнери, нова онлајн продавница, летен камп и учество на меѓународни модни саеми. Модата е уметност. Креативноста е нашата моќ“, истакнува Божиловиќ и додава:„ Она што започна како мала иницијатива, Денот на креативноста, сега се прошири на национално ниво, поврзувајќи средношколци, студенти, ментори, успешни жени и професионалци од индустријата. Една од нашите клучни цели е да ја разбиеме стигмата околу стручното образование и да им покажеме на младите дека изборот на овој пат не е само паметен, туку и возбудлив, модерен и полн со можности. Со здружување на студенти, експерти од индустријата, дизајнери и бизнис лидери, создаваме мост помеѓу образованието и пазарот на труд, давајќи им на младите луѓе доверба да се гледаат себеси како професионалци – дури и пред да дипломираат“.

Темата за 4.издание беше Ориент. Повеќе реномирани дизајнери ментори беа дел од настанот и тоа: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ, Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ, Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Зулевска, училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола. ВИП гости: Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, претставници од Текстилен Кластер.

„Целта не ни беше само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“, велат професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска.

На овогодинешниот Креативен Ден, видовме синергија меѓу генерации, вкусови и стилови. Дизајнерите дизајнираа заедно со младите од текстилниот отсек во средните училишта низ Македонија. Учествуваа 32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим беше уникатна приказна, составена од дизајнер – ментор, ученик – талент во подем и една вистинска дама, за која креацијата беше создадена – според нејзиниот сензибилитет, стил и дух. Тие не создаваа само облека. Тие создадоа став, култура, порака. Од инспирацијата на Истокот, видовме:

• Применета мода – нослива, паметна, иновативна.
• Концептуална мода – со порака, став и експеримент.
• Висока мода – драматична, рафинирана, раскошна.

Секоја креација беше прозорец во душата на тимот што ја создаде. Модната сцена кај нас има глас – и тој глас денес прозвучи гласно и гордо. Со тоа настанот секоја година станува се помасивен, со се поголема заинтересираност и учество на училиштата. Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава.

Оваа година донесе уште една новост. Беа доделени Признанија и Благодарници на модни активисти – личности и колективи кои со својата креативност, професионализам и човечност оставаат трага на нашата модна сцена. Благодарници за несебично пренесување знаење и искуства беа доделени на дизајнерите: Никола Ефтимов за неговата повеќегодишна работа како моден дизајнер и универзитетски професор, Ивана Кнез -дизајнер со плодна и инспиративна кариера во модниот дизајн.

Признание за човечност и професионализам се додели на Роза Василевска– за подигање на достоинството и односите во професијата на повисоко ниво.

Признание за модна конзистентност се додели на Елена Лука– бренд што денес е синоним за домашната модна сцена.
Доделени беа и Пофалници за најдобрите три ученички креации на овогодинешниот конкурс: Никола Петровски, Весна Дунимагловска, Анета Ангелковска Груевска.

Признанијата ги врачија успешните жени-менаџери Александра Филиповска Alex Fx (БлекБело, Виница) и Љупка Миладинова Џамбазовски (Албатрос, Штип) – двете дел од Текстилниот кластер и препознаени по квалитетот и на меѓународно ниво.

Оваа година, Креативен Ден доби уште една уметничка димензија. Во еден исклучителен момент, сцената стана живо платно, каде се преплетоа музиката, движењето и сликарството, низ призма што ја слави женската енергија, стилот и индивидуалноста. На сцената настапи
Стефанија Милевска Враниќ, а заедно со неа, младите танчерки од Анастасија центарот, кои ѝ дадоа тело на музиката – динамика, ритам, нежност и сила. Уметницата Бојана Артиновска создаваше дело во живо – платно инспирирано од движењето, музиката, модата и женственоста. Овој настан полека но сигурно, прераснува во растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.