дома блог страница 146

Важно соопштение од “фабриката” за најдобри БУРГЕРИ во Прилеп!

Драги пријатели,

Сакаме да ве известиме дека Burger Boom е единствениот и оригинален фаст-фуд ресторан во Прилеп!

Последниве денови добиваме информации дека некои муштерии по грешка се јавуваат или нарачуваат во друг ресторан со слично име, кој се наоѓа во друг град – Битола. Важно е да знаете дека немаме никаква поврзаност со ниту еден друг ресторан со слично име во државата.

Burger Boom постои само во Прилеп и секогаш ќе го добиете нашиот уникатен вкус и услуга само кај нас – каде што “бум” значи најдобар бургер во градот!

Ве молиме внимателно проверувајте пред да нарачате, за да нема недоразбирања. А ние, како и секогаш, ќе бидеме тука со најсочните бургери и најбрзата услуга!

Ви благодариме за довербата и поддршката!

Ваш Burger Boom – Прилеп

Локација: Нова катна гаража – приземје, од страната на Градска Река

Телефонски број: 078 786 000

Прилеп ќе добие Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење – ќе се реновира домот на “Рид” (ФОТО)

Општина Прилеп, во соработка со Центарот за развој и едукација – Прилеп, наскоро ќе отвори Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење. Просторот ќе биде адаптиран во старата зграда на месната заедница „Рид“, а реновирањето се очекува да заврши до крајот на септември. Центарот ќе започне со работа од 1 јануари 2026 година. Овој проект во Прилеп е дел од грантот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Светска банка, и ќе биде петтиот центар од ваков вид во државата.

Установата ќе има капацитет за 48 корисници, кои ќе престојуваат во две смени, по 4 часа дневно, под надзор на тим од четири стручни лица.
„Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење претставува значаен чекор во градењето на хумано, инклузивно и грижливо општество. Овој центар не е само простор каде што повозрасните сограѓани ќе го поминуваат своето време, туку вистински ресурс за подобрување на нивниот квалитет на живот, преку промоција на концептот на активно стареење.

Со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Светската банка, реконструираме постоечки простор и воспоставуваме нови, прилагодени социјални услуги согласно реалните потреби на повозрасното население.

“Пред повеќе од една недела го потпишавме договорот за грант со Министерството, како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги – првиот конкретен чекор што денес го преточуваме во реалност. Горди сме што Прилеп воспоставува центар од ваков тип, со кој се зајакнува пристапот до социјална заштита и се демонстрира вистинска грижа за граѓаните. Овој центар е симбол на меѓугенерациска солидарност и потврда дека секоја категорија граѓани заслужува достоинствен живот“, истакна градоначалникот на Прилеп, г. Борче Јовчески.

Од Центарот за развој и едукација – Прилеп истакнуваат дека ова е уште една успешна заедничка иницијатива со Општина Прилеп, која претставува значаен чекор во грижата за лицата од третата доба.

„Центарот ќе нуди социјална и здравствена поддршка за старите лица, работа со психолози, поврзување со здравствени работници, како и едукативни и културни активности. Сите услуги ќе ги обезбедува професионален кадар кој ќе биде вработен во центарот. Вкупната вредност на проектот е околу 7 милиони денари – од кои 2 милиони се предвидени за реконструкција и опремување на просторот од 100 м², а преостанатите 5 милиони денари се наменети за вработување на четири лица, режиски трошоци и обезбедување на материјали потребни за спроведување на планираните активности во првата година“, изјави Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација – Прилеп.

Прилепскиот генијалец, Петар Мирчески, се враќа со бронзен медал од Олимпијадата по хемија во Дубаи

Младиот прилепски генијалец – матурантот од гимназијата “Мирче Ацев”, Петар Мирчески, се враќа со бронзен медал од 57. Меѓународна хемиска олимпијада (ICho 2025), што се одржа во Дубаи.

Петар беше дел од четиричлениот национален тим кој ги бранеше боите на Македонија во конкуренција од 354 ученици од 90 држави од целиот свет.

Покрај нашиот прилепчанец, на олимпијадата во Дубаи со сребрен медал се закити и Марио Ванчоски, ученик во 4 година во гимназијата “Славчо Стојменски” од Штип, а пофалница доби Теона Ана Георгиевска, ученичка во “Јахја Кемал” во Скопје.

Нашите ученици се натпреваруваа со најдобрите хемичари од светот, и уште еднаш покажаа дека со посветеност и упорна работа се стигнува до врвни светски резултати.

Инаку, минатата година на олимпијадата што се одржа во Ријад, Саудиска Арабија, Петар се закити со сребрен медал, а Марио тогаш освои бронза.

Нам ни останува само да им честитаме и да им посакаме уште поголеми успеси во иднина!

Браво Петар, браво за сите ученици од македонската делегација! Вие сте наша гордост!

КАСИНОС АВСТРИЈА ИНТЕРНЕШАНАЛ МАКЕДОНИЈА СО ПОДДРШКА ЗА ГАЛИЧКА СВАДБА – ЧУВАРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА

Годинава, со особена чест, Касинос Австрија Интернешанал Македонија ја поддржа Галичка свадба – културно богатство кое ја чува душата на македонскиот народ.

Од 11 до 13 јули, во срцето на мијачкиот крај, повторно одекнуваа зурли и тапани. Галичник ја раскажа својата свадбарска приказна – исполнета со љубов, обичаи и гордост. Годинава, со особена чест, Касинос Австрија Интернешанал Македонија ја поддржа Галичка свадба – културно богатство кое ја чува душата на македонскиот народ.

Секоја година на Петровден, Галичник оживува. Со оригинални ритуали, народни носии и вековни обичаи, Галичка свадба сведочи за едно време, една љубов, една истрајна традиција.

Годинашни младоженци се Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски – продолжувачи на наследството на старото галичко семејство.

Нашата поддршка не е само гест – туку заложба за зачувување на идентитетот, културата и корените. Културните вредности се темел на здраво општество – и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме.

Прв европски натпревар за Илиоски од Прилеп како главен судија! Покажа 8 жолти картони и доби пофалби за судењето (ВИДЕО)

Младиот фудбалски судија од Прилеп, Влатко Илиоски, имаше успешно деби на меѓународен натпревар. Илиоски кој од оваа година е на ФИФА листата на главни судии, беше главен судија на натпреварот од квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, помеѓу екипите на Биркиркара од Малта и Петроклуб од Молдавија.

Прилепчанецот покажа дури 8 жолти картони на натпреварот кој домаќините го добија со 1:0.

Ова беше прв предизвик за Влатко, а сигурно ќе има уште многу во иднина.

Да му посакаме среќа и успеси!

Прилеп не се плаши од африкански бранови кога го има “Салида Аква Парк” – Вечерва ноќно капење и забава под ѕвездено небо

Подготви се за ноќно капење, журка под ѕвездите и вистинско летно освежување! Забавата стартува вечерва со почеток од 20:00 часот во “Салида Аква Парк”.

Влез само 200 денари и 100 денари за неограничени лудории по тобоганите!

🔥 Прилеп не се плаши од топлотни бранови – кога ја има Салида, летото е само повод за журка!
🌊 Тие се број еден водена дестинација во целиот регион, и тоа не без причина!
🎶 Добро друштво, убава музика, водена авантура и забава до доцна во ноќта – што повеќе ти треба?

Повикај ја екипата, земете ги пешкирите и правец во “Салида Аква Парк” – вечерва се разладуваме стилски!

За сите останати кои сакаат да се разладуваат на жешкото сонце, аква паркот работи секој ден од 10 – 18 часот!

Уживајте во летото со “Салида Аква Парк”.

Тој е автор на голем број споменици и плочи во Прилеп и околината, а сега ја имаше и својата трета самостојна изложба (ФОТО)

“Порти кон бескрајот” е самостојната изложба од прилепскиот автор Илија Кочоски, отворена во петокот во фоајето од ЦК “Марко Цепенков”-Прилеп.

Кочоски на изложбата се претставува со дела поделени во два циклуси – првиот со 13 композиции кои претставуваат автентичен и единствен приказ на Тајната вечера и вториот од 8 дела кои се раскошни и колоритни композиции.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека Кочоски внимателно ги негува формите, облиците и структурите, применувајќи колажен пристап во создавањето на делата.

-Авторот Илија Кочоски создал непроценлива ризница од композиции работени во комбинирана техника-масло на платно, бакарна фолија, сребрена боја, дрвени резби и позлатени клинци. Тој развил разновиден семиотички систем и изградил сопствен уметнички идентитет, изразувајќи го бескрајот на човечкиот дух со виртуозна употреба на бојата. Тој вдлаби траг и создаде апотеоза на вечната дилема и борбата за вистината меѓу науката , уметноста и религијата – рече Димеска, на отворањето на изложбата.

Ова е трета самостојна изложба од Илија Кочоски, кој како архитект е автор на повеќе споменици и плочи низ Прилеп и околината.

Николоски: Пуштивме дел од автопатот Кичево-Охрид. Овој проект беше симбол за неспособноста на СДСМ и ДУИ (ФОТО)

Автопатот Кичево – Охрид е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика меѓу нас и нашите политички противници, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на пуштањето во употреба за сообраќај на дел од автопатат Кичево -Охрид.

Од денеска за сообраќај се пушта потегот од автопатот од Врбјани до Ботун како автопатско решение. Ова е првиот дел од автопатот Кичево -Охрид. Како што беше истакнато, во тек се силни градежни активности по целата траса на автопатот и се очекува целосно да биде завршен крајот на следната година.

Во продолжение интегралното обраќање на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски:

“Почитувани граѓани на Охрид, на Струга, на Кичево, Дебраца кои што сте тука. Нaвистина е големо задоволството да ги видиме првите дваесет километри во јавност како можат да ги користат граѓаните не само на овие населени места туку на цела Македонија. Побрзо да се патува до Гостивар, до Тетово и до Скопје, да се поврзе Македонија со Албанија и да се отворат големите туристички центри Охрид и Струга за сите оние кои што сакаат да ги посетуваат.

Ветив дека за проблемите ќе зборувам кога ќе го завршиме целиот автопат, а тоа е на крајот на следната година, но сакам да кажам две работи.

Првата е дека овој проект беше симбол за неспособноста на претходната влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен и напуштен проект на кој ниту имаше работници, ниту имаше инженери, ниту машини. Ова е проект кој што е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика меѓу нас и нашите политички противници. Од првиот ден кога влеговме во Владата мојот прв разговор со Премиерот беше токму за овој проект. И најголем дел од времето посветуваме на овој проект затоа што повторувам, ова е проект кој што ја прави разликата, ова е проект кој симболички отсликува кои сме Ние, а кои се Тие затоа што таа разлика мора да се направи и мора да ја покажуваме и ова позади мене е најдобриот доказ.

Второ, мислам дека е многу значајно и симболично дека првиот дел од патот го отвораме во славна Дебрца, овде има многу историја, многу приказни а сега има и модерен автопат.

Со среќа и да се гледаме повторно за убави работи, се надевам дека за многу брзо и на вториот дел од автопатот, а на крајот на следната година и на целиот автопат.

Нека е со среќа! – истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

На настанот покрај другите членови на Владата, присуствуваа и се обратија и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Тие го истанкаа огромното значаење на овој автопат како дел од коридор 8 кој ќе ја раздвижи економијата, туризмот и севкупното живеење во овој дел од Македонија.

(ВИДЕО) Советниците се на потег! Битола е на праг на големи промени, денеска може да биде историски ден за градот

Битола е на прагот на големи инфраструктурни и урбани промени, откако градоначалникот Тони Коњановски најави капитални инвестиции вредни 707 милиони денари (приближно 11,5 милиони евра), предвидени со ребалансот на буџетот што денеска ќе се најде пред Советот на општината.

-Битола заслужува иднина во која ќе се гордееме дека сме оставиле белег, порача Коњановски, истакнувајќи дека ова не се предизборни ветувања, туку резултат на сериозна и долгогодишна подготовка и посветеност и на денешната прес конференција рече:

-Почитувани сограѓани, битолчанки и битолчани, понеделник е историски ден за Битола. На седницата на Советот како дел од ребалансот на буџетот предложени се капитални објекти значајни за развојот на градот какви Битола што не памети, дел од нив се:

– ТРИ типски училишни спортски сали во: ОУ “Стив Наумов”, ОУ “Тодор Ангелевски” и ОУ “Даме Груев” – подрачно училиште во Долно Оризари ВРЕДНОСТ 144 милиони денари .

– Изградба и реконструкција на ДЕВЕТ УЧИЛИШНИ СПОРТСКИ ИГРАЛИШТА во: ОУ “Даме Груев”, ОУ “Климент Охридски”, ОУ “Трифун Пановски”, ОУ “Ѓорѓи Сугарев”, ОУ “Гоце Делчев”, игралиштето во “турското” училиште, ОУ “Коле Канински” – буковски ливади, ОУ “Тодор Ангелевски” – подрачно училиште во Г. Оризари, ОУ “Тодор Ангелевски” ВРЕДНОСТ 112 милиони денари. Реконструкција на игралиштето во населба СТРЕЛИШТЕ и реконструкција на игралиштето за ТЕНИС во БРУСНИЧКА населба ВРЕДНОСТ 28 милиони денари

-Изградба на ШЕСТ нови ПАРКИНЗИ – Овчи Пазар, Ат Пазар, на улица Браќа Џаферови, во поранешната касарна, кај Хеликоптерот и Кифлата ВРЕДНОСТ 30 милиони денари. Со изградбата на овие паркинзи ќе се овозможат над 150 нови паркинг места.

-Реконструкција на објект во Буковски ливади со пренамена во УЧИЛИШТЕ ВРЕДНОСТ 30 милиони денари.

-Изградба на АТЛЕТСКА ПАТЕКА на стадионот “Петар Милошевски” ВРЕДНОСТ 77 милиони денари.

Овој ребаланс предвидува и Изградба на нови улици и реконструкција на улици рече Коњановски и додаде:

-Изградба на комлетна инфраструктура на улица „Донка Ушлиова“ во населба Јени маало. Изградба на инфраструктура на улици во АРМ Четврт2 – поранешната касарна, улиците Сту6,Сту6а,Сту13,Сту14, улици од Урбанистички План Стрчин. Изградба на коловоз, сообраќајна инфраструктура и улично осветлување на северна улица3 со станбен простор, станбена улица1 со паркинг простор и пристапна улица1 од ДУП за комплекс болници – во областа околу болницата Плодност“. Реконструкција на улиците „Влатко Миленковски“, дел од ул.„Паца Ванчова “ и дел од ул.„Гаврило Принцип“ во населбата Карпош. Реконструкција на улицa „7-ма Бригада“. Реконструкција на улица „Христо Ботев. Реконструкција на улица „Димитар Тодоровски“ (ул.„11-та“). Реконструкција на улица „Бегова чешма“, Реконструкција на дел од улица „Васко Каранѓелевски“ и улица “Романија“, Реконструкција и изградба на улица „Булевар 1-ви Мај“ (кај стараТреска). Реконструкција на улица „Ѓорѓи Димитров“. Реконструкција на улица “Даме Груев” – Мал Париз крак 1,2 и 3. Реконструкција на улиците Дебарска, Караорман, Мукос, Љубојно и 5 та во населба Баир

Со ребалансот на буџетот се предвидени средства за изградба и реконструкција на улици и во следните населени места дел од Општина Битола: Изградба на улици во с. Караман, Изградба на патот до манастирот Св. Меркјури во с.Барешани, Реконструкција на коловоз на улици во с.Ротино, Изградба на коловоз на локален пат за с.Раштани, Реконструкција на коловоз на улици во с.Трн, Реконструкција на коловоз на улици во с.Братиндол, Реконструкција на коловоз на локален пат за с.Горно Ореово.

-Ова се само дел од проектите одобрени од Владата на РМ на последниот повик кои се дел од ребалансот на буџетот на следната седмица на Советот на Општина Битола овој понеделник! И морам да напоменам: ова не се проекти за предизборна кампања, туку инвестиции за кои изминатиот период, напорно и посветено работевме на проектна документација, за да можеме сега да преминеме на реализација. Вкупната вредност на сите одобрени проекти е во висина од 707 милиони денари или на 11.5 милиони евра! Никогаш Владата на Македонија во овие 30 години не дала толку средства во Битола во една година! Никогаш во историјата на Битола толку не се градело!

Наградата „Актерот на Европа“ оваа година за битолскиот актер Здравко Стојмиров

Со доделување на наградите, во Сарајот во Ресен заврши 23-то издание на Интернационалниот театарски фестивал ,,Актерот на Европа“. Според одлуката на жирито во состав: Гоце Ристовски, претседател, Трајче Кацаров и Елена Трајковска, членови, наградата Актер на Европа за годишно остварување му беше доделена на македонскиот актер Здравко Стојмиров, за неговата изведба на претставата „Фетишист” по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народниот театар Битола.

„Наградата „Актер на Европа“ е една од најзначајните што сум ги добил досега, а воедно и најдрагата.
Отсекогаш било најтешко да бидеш препознаен токму во својата земја, па токму затоа ова признание има посебна тежина и значење за мене.

Искрена и длабока благодарност до Фестивалот „Актер на Европа“, до организаторите, до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, до публиката, до моите најблиски и до сите што ме поддржуваат.

Ви благодарам за честа и за довербата“, изјави Стојмиров.

Завршната вечер ја одбележа и изведбата на претставата „Јелена Савојска“ работена потекст на Марија Сарап, во режија на Зоран Ракочевиќ, со актерката Јелена Ѓукиќ од Црна Гора, која воедно ги понесе наградите за најдобра претстава и најдобар драмски текст. Наградата на публиката ја понесе претставата „Нушиќ лично“, текст и режија Миодраг Илиќ, во продукција на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград, Србија.

Наградата Жак Лакариер и припадна на претставата „Lebensraum – Експеримент во добрина“, работена по текст на Танасис Триаридис, во режија на Јанис Димакас, од Театарот Теато Парамитиас Теспортиас, од Грција.

Наградата „Млада Европа“ им припадна на Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓоргиев Илиоски за улогите во претставата „Сега му е мајката“, работена по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов, и во продукција на „Алтернативен театар Пробатон“, Свети Николе. Наградата за животно дело Актер на Европа му беше врачена на отворањето на фестивалот на легендарниот германски актер и режисер Брајан Мајклс.

Добиниците на наградата Клучевите на Преспа оваа година се, еминентниот британски професор на Оксфорд, Џемс Петифер, автор на „Езерата и империите во македонската историја“ и проф. д-р Никола Јанкуловски, светски признат експерт во медицината ипоранешен ректор на УКИМ. Наградата Големата Повелба „Балканот – Срцето на Европа“, постхумно му беше доделена и на албанскиот писател со светско реноме и поддржувач на фестивалот од неговото основање, Исмаил Кадаре. Другите годинашни добитници на оваа награда се Танасис Триаридис од Грција, Саша Драгиќ од Србија и проф.Љубомир Кекеновски од Македонија.

Со оваа иста монодрама Здравко Стојмиров ја освои наградата за најдобар актер на 21-то издание на Меѓународниот фестивал на монодрама „АЛБА МОНО“, што се одржа од 23 до 30 јуни 2025 година во Поградец, Албанија.

„Ова е голема чест за НУ Народен театар – Битола и за актерот Здравко Стојмиров. Му посакуваме уште многу успешни изведби и нови награди на национални и меѓународни сцени“, истакнаа од Битолскиот театар.