Во среда премиера на претставата “Семејни приказни” во театарот “Војдан Чернодрински”

Во среда (05.06.2019) со почеток од 20:00 часот во народниот театар “Војдан Чернодрински”, премиера на претставата “Семејни приказни”.

„СЕМЕЈНИ ПРИКАЗНИ“ – Биљана Србљановиќ
Режија: Милош Б. Андоновски
Драматург: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска
Сценографија: Наташа Вчкова
Костими: Марта Дуфне Јосифовска

Играат: ЈАСМИНА МИЦОВСКА СТАНКОСКА – НАДЕЖДА, ИЛИЈА ВОЛЧЕСКИ – ВОЈИН, КАТЕРИНА ЧАКМАКОСКА КЛИНЧЕСКА – МИЛЕНА, ДИМИТАР ЦРЦОРОСКИ – АНДРИЈА

КРАТОК ТЕКСТ ОД РЕЖИСЕРОТ МИЛОШ Б. АНДОНОВСКИ ЗА ПРЕТСТАВАТА

Оваа претстава е претстава за детството. Топла е, истовремено и незгодна. Приказните кои ги гледаме оставаат еден горко-сладок вкус зашто некои нешта можеби и не требале да бидат такви, додека пак други, за среќа, не се случиле поинаку.Оваа претстава му се обраќа секому.
Војин и Милена, Андрија и Надежда се децата од нашата улица. Тие се децата од нашето маало, од нашето детство; тие се децата од нашето време; децата кои што сме и деца какви што нема да видиме – државата страшно превоспитува.

КРАТОК ТЕКСТ ОД ДРАМАТУРГОТ ЛИДИЈА М. ЃОРЃИЕВСКА ЗА ПРЕТСТАВАТА

Семејни приказни е претстава која преку играта на децата го прикажува светот на возрасните. Дејството се случува на едно запуштено детско игралиште, каде што децата си играат семејство, а преку својата игра умешно ги прикажуваат деликатните семејни односи, но и длабоко вкоренетите патријархални вредности и нормализираното семејно насилство, создавајќи метафора за нефункционалноста на повеќе општествени сфери во деведесеттите години на минатиот век, во една руинирана балканска земја. Секоја од кратките сцени во претставата е приказна за себе. Иако прикажаниот свет најчесто е и физички и морално брутален, гледачот во оваа претстава, збогатена со впечатливи и препознатливи визуелни симболи и музички теми, ќе го препознае своето секојдневие од деведесеттите, кое кај многумина несомнено ќе побуди и носталгија по едно изминато време.

БИОГРАФИЈА РЕЖИСЕР

Милош Б. Андоновски (1989) дипломира театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во 2015 година.Претходно завршува општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, а во 2014 година магистрира на отсекот за културолошки студии при Институтот за македонска литература (УКИМ) во Скопје. Четири години работи како професор по театарска и филмска уметност во меѓународното училиште НОВА.Ги работел претставите „Јас, Селма“ во Младинскиот Културен Центар во Скопје; „Физика на тагата“ според истоимениот роман на Георги Господинов во театарот во Куманово; како и шекспировиот „Хамлет“ во Театарот на Навигатор Цветко во Кино Култура, Скопје. Претставата „Семејни приказни“ е неговиот прв професионален ангажман во прилепскиот театар. На прилепската публика, за прв пат, ѝ се има претставено со неговата дипломска претстава „Поблиску“ според текстот на Патрик Марбер, во 2015 година, во офф програмата на фестивалот „Војдан Чернодрински“.

БИОГРАФИЈА НА АВТОРКАТА НА ТЕКСТОТ

Биљана Србљановиќ (Стокхолм, 1970) се вбројува меѓу најистакнатите современи српски драмски писатели. Дипломирала во 1995 година на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде што моментално работи како редовен професор. Позната е по својот исклучително смел и политички ангажиран уметнички израз, а нејзини најпопуларни дела се Белградска трилогија, Семејни приказни, Пад, Супермаркет, Америка втор дел, Скакулци, Смртта не е велосипед (да ти го украдат) и други. Нејзините драми се преведени на над дваесет јазици и се изведуваат во многу театри низ Европа и Америка. Уште за време на студиите, Србљановиќ го започнала својот политички ангажман. Иако таа низ целиот свој опус недвосмислено ги изразува своите проевропски ставови и острата критика на современото општество, нејзините драми зборуваат и за интимните проблеми на современиот човек, како што се семејните и меѓугенерациските односи и конфликти.

ФОТО: Наташа Вчкова




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.