Во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче и во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“ во Битола, викедов со свечени богослужби ќе биде канонизирана преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска.
Свеченото вбројување на преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска во диптихот на светителите и исповедниците, започна во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, Демирхисарско, каде што вчера беше отслужена Вечерна богослужба. Моштите на света Стефанида се наоѓаат во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, а сестринството на овој манастир ја наслика иконата на оваа новопројавена Божја угодничка и го состави нејзиното житие.
Денеска пак во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“, во Битола, беше отслужена богослужба во 7 часот, а во продолжение и Света архијерејска литургија, на која беше објавена одлуката на САС на МПЦ-ОА, за впишување на Светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска во списокот на Светите.