Актерската кариера ја започнува многу рано. Уште на 6-годишна возраст започна да ја восхитува публиката и да го развива својот талент, па неговото присуство на сцената на прилепскиот народен театар “Војдан Чернодрински” е неопходно. Илија Волчески е вистински актерски виртуоз, секогаш посветен, актер со големи соништа и желби, како и неповторлива енергија и спремност за акција.
Кога заплови во актерските води и што е тоа што те освои да ја одбереш актерската професија над дргугите?
Прв пат запловив во актерските води кога имав 6 години. Имаше аудиција за претставата “Оливер Твист” во НТ “Војдан Чернодрински” во Прилеп. Забележаа моите дома и наставникот по одделенска настава дека има “нешто” во мене. Се што сум учел на училиште сум кажувал на “поинаков” начин. Ми објаснија што е тоа театар и аудиција и што треба да правам. Аудицијата помина успешно. Бев едно од децата од сиропиталиштето. Имаше мал “проблем”. Не знаев да читам, па мораше татко ми да доаѓа на почетокот на пробите за да го чита текстот за мене, а јас да го одглумам. И така почна во мене да се шири заразата за театар и зеде голем замав што другите професии не ги ни гледав. Сакав да станам актер.
Наследен ли е актерскиот ген во тебе или го стекна благодарејќи на напорна работа и учење?
Татко ми кога бил основно и средно учикуште играл во прилепскиот театар, но сепак сега е професор, не е актер. А јас, од друга страна, и сум работел и сум учел. Проценете вие до што е.
Раскажи ни подетално како се движи твојата актерска кариера до сега, чии се театарски штици грмеле под твоите нозе и што сметаш дека е твој најголем отскок до сега?
Како што кажав предходно, се почна кога имав 6 години. Мојата прва претстава е “Оливер Твист” во режија на Петар Димоски. Потоа имаше уште една аудиција за претставата “Снежана и седумте џуџиња”. И таа аудиција помина успешно за мене. Потоа следеше мојата прва претстава за возрасни “Уште една за по пат” во режија на Кирил Петрески. Па потоа следеа “Петар Пан”, “Волшебникот од Оз”, “Добриот великан”, “Приказна за војникот” во која ја играв главната улога и со оваа претстава освоивме Гран при на ДАФ Кочани, Гран при на фестивалот “Лица без маски” во Скопје и најдобра костимографија и сценографија во Уб, Србија. Следеа уште неколку претстави, а мојата последна претстава пред да се запишам на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје беше “Мангите пијат чај”, во режија на Коле Ангеловски. Потоа следеше моето запишување на Факултетот за Драмски Уметности. Една недела траеше приемниот испит, во кој имаше тест од општа култура, писмена работа, проверка на ритам и слух, рецитација, монолог, импровизација, самостојни вежби, вежби со партнер/и… Беше тоа недела која ќе ја паметам целиот мој живот и која за среќа заврши успешно. Првата година на факултетот ми беше најтешка. Адаптирање во нова средина, нови луѓе, колеги, по цел ден и цела ноќ вежби и проби и плус морав да учам за да ги полагам предметите од четврта година во гимназија, затоа што се запишав на факултет после завршувањето на трета година гимназија. Две години во една, но сепак се исплати. Имавме забрана во прва година за играње претстави, снимање, разговори со медиуми, па потоа продолжија да се нижат нови проекти во прилепскиот театар како “Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски, која ми се смета како официјално моја прва професионална претстава по запишување на факултет и затоа нема да го заборавам тој процес и тоа искуство кое ми дојде како отскокнувачка скала. Потоа следеа “Буре барут”, “Сон на летната ноќ”, “Човекот е човек”, “Кирил и Методиј, who are you”, “Човекот кој не знаеше да каже не”, “Ајнштајновите соништа”, “Обѕрни се во гнев”, “Figurae Veneris Historiae”… Се надевам дека оваа низа ќе продолжи да се шири уште многу. Овие претстави ми донесоа и учевство на многу фестивали во државата и надвор од неа како Македонски Театарски Фестивал “Војдан Чернодрински”, EX PONTO- Љубљана, MESS- Сараево, BITEFF Белград и уште многу други низ балканските земји и Европа, каде сме освојувале и доста награди.
Имаш ли некоја омилена улога, некој лик што ти бил особено драг за глума?
Секој лик носи своја убавина и свој предизвик. Не би можел да издвојам кој лик точно. Кон секој лик пристапувам како да ми е прв и последен, тотално отворено, искрено и чисто. Тоа е една од причините зошто оваа професија е толку интересна и неизвесна.
Актерите секогаш имаат по некоја интересна анегдота, кои се случуваат при долгите и напорни проби, како и при патувањата. Имаш ли ти некоја анегдота која би ја издвоил за нас?
Со многу смеа го одговарам прашањево. Да, има анегдоти колку што сакате. Би ја издвоил таа кога во претставата “Човекот кој не знаеше да каже не”, при крајот, има повеќе кратки сцени кои траат по 30 секунди, најмногу минута, а меѓу тие сцени има тотален мрак и во мраковите треба да направиме промени како со сценографија така и со нашите позиции. Се слчувало повеќе пати да погрешиме, но на една од пробите при еден од мраковите, сите актери кои бевме на сцената, а бевме 8, направивме различна сценографска и мизансценска(движење на сцена, пат) промена, секој онака како што мисли дека треба и следи. Направивме промена и кога се запали светлото само еден колега ја имаше погодено точната промена за следната сцена. После тоа пробата заврши затоа што смеењето победи.
Ти си дел од актерската група во прилепскиот народен театар “Војдан Чернодрински”. На што работите моментално и што за скоро можат да очекуваат прилепчани на сцената?
Пред околу една недела излезе премиерата на претставата “Figurae Veneris Historiae” во режија на Наташа Поплавска и текст на Горан Стефановски. А сега, се подготвуваме за нашето патување во Сараево на интернационалниот МЕСС Фестивал со претставата “Ајнштајновите соништа” во режија на Слободан Унковски, текст Ален Лајтман и драматизација на Русомир Богдановски.
Илија кои се твоите желби, што е твоја главна цел за време на твојата актерска кариера?
Имам многу желби и многу цели. Ги поставувам постепено, но мојата најголема желба нема да бидам скромен, а тоа е да заиграм во некој холивудски филм со Johnny Depp, колку и да звучи ова смешно и наивно.
Недостигаат тв драмите, нови македонски тв серии. На што се должи тоа и зошто се помалку ги гледаме актерите на телевизиските екрани?
За да се направи било каков проект без разлика дали телевизиски или театарски или филмски е долга процедура и не баш така едноставна. Сите актери, особено ние младите, чекаме шанси кои пред се ни се потребни за искуство и за стекнување на нови контакти и пријателства. Се надеваме на подобро во иднина.
Какви се перспективите на прилепското актерство, како функционира сегашната размладена екипа и дали ви недостигаат постарите колеги?
Тоа е едно хемиско соединение со нераскинлива врска. Стари искусни и млади ентузијасти- добитна комбинација, барем кога е во прашање прилепската актерка екипа. Секој од секого учи нешто ново на секоја проба, на секоја претстава. Си помагаме едни со други, се поддржуваме и што е најбитно сето тоа функционира. Не знам како да го објаснам тоа. Ние го чувствуваме, а очигледно и вие штом ми го поставивте прашањето.
За крај кажи ни кои се предностите на актерската професија и кои придобивки ги имаат актерите во општеството?
Како актери мора да имаме познавање од се. Со работењето на нови улоги/ликови се среќаваме и со нови информации. Пример треба да играте војник од втората светска војна кој дезертирал, така да и покрај тоа што сме учеле по историја, ние мораме да навлегуваме многу подетално и да бараме информации кои ќе ни помогнат при градењето на ликот. А тука се и нашите предиспозиции и познавања или таленти надвор од актерството. Спортот и музиката се најдобри пријатели на актерот. На тоа поле, морам да им се заблагодарам на мојот професот по кларинет Драгољуб Бузески и на мојот тренер мајстор по карате Ахил Јаков кои се пред се фантастични и важни ликови во мојот живот, а исто така и фантастични професори, педагози и психолози и благодарение на нив, многу полесно и подобро се снаоѓам со физичките, музичките и психичките способности на сцената и надвор од неа. Сето ова нема да изгледа добро ако не се тука моите колеги, роднини и пријателите кои ме поддржуваат во се, а најмногу им сум благодарен на моите родители.
Подготви: Александар Георгиоски